КЛИНИКИТЕ ЌЕ СЕ ОБЕДИНАТ ВО ЕДЕН КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР Од Нова година нема да има веќе економски директори

2,111

Министерот за здравство Фатмир Меџити очекува од јануари наредната година да функционира еден клинички центар, најверојатно со еден генерален директор, со што би се укинале организациските директори на одделните клиники.

– Од првиот ден работам напорно за овој проблем и тој проблем ми е најгорливата мака што сакам да го решам како кабинет, како Министерство да го решиме, еднаш засекогаш да се постават работите како што треба на Клинички и да функционира многу полесно, поадекватно и поефективно да биде. Информацијата е готова, во договор со ФЗОМ, значи почетокот на годината после новата година и сите пресметки се прават, тогаш и најверојатно се очекува. Значи од 1 јануари 2024 да почне да функционира еден клинички центар со генерален директор или како ќе бидат модалитетите за тоа ќе се договориме – одговори министерот на новинарско прашање, по презентацијата на дигиталната платформа „Мое здравје“.






Тој истакна дека целта е пациентите да добиваат подобра здравствена услуга, а и здравствените работници да функционираат полесно.

На новинарско прашање дали тоа значи дека ќе се укинат организациските, или познати и како економски директори, тој одговори потврдно.

Министерот смета дека тогаш ќе се набавуваат работите количествено и со поевтина цена и ќе има подобра соработка меѓу клиниките.

Ако се стремиме на тој пат, да одиме кон Европската Унија, како што посочи Меџити, немаме друг пат, „мора ова да се направи еднаш засекогаш здравствено да функционира како што треба“.

Меџити се осврна и на проблемот со паркинзите.

– Нема подземна катна гаража, тоа ќе биде. Не дека сум министер по инфраструктура, но, мора тоа да се реши. Тоа е ликот на нашата држава и на нас како луѓе. Тоа е срамота што се случува во Клинички центар – подвлече министерот.

Министерот најави и дисперзирање кадри од Клинички центар низ целата држава.

– Не, нови вработувања ќе има. Дефицит на кадар има низ цела држава, посебно средно медицински кадар и ние настојуваме во договор со МФ и со Фондот за здравство, ова веќе да почне да се имплементира и да се случи да има нови вработувања. Значи насекаде имаме дефицит на средно медицински кадар – рече тој.

Тој беше прашан и зошто за нашите македонски доктори, поатрактивно е да заминат и да работат во Хрватска, Словенија, Германија и во други земји.

– Ние преземавме многу мерки досега, сме во комуникација со штипскиот, скопскиот и со тетовски факултет за медицина, па и за фармација, за стоматологија ќе стапиме во контакт, ќе направиме една програма. Кога ќе бидат овие студенти шеста година, да се знае точно од кое место доаѓа, од кој град доаѓа и кое ќе му биде работното место во иднина – додаде министерот.

 

 

Поврзани содржини