Клиниката за нефрологија ќе продолжи да работи иако 32 вработени имаат корона

358

Клиниката за нефрологија ќе продолжи да работи иако 32 вработени, меѓу кои лекари и сестри, во моментов се заразени со вирусот ковид-19.

– Работата на Клиниката за нефрологија се одвива регуларно и тековните обврски се завршуваат од страна на вработените кои го надополнуваат отсуството на оние кои се заразени или се во изолација – велат од Министерството за здравство на прашањето дали ќе затвори Клиниката поради големиот број заболени меѓу вработените.






Двајца доктори од оваа установа се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, а еден техничар е хоспитализиран на Клиниката за кожни болести.

– Менаџментот на Клиниката подолго време не одржува состаноци, а воедно и нема просторија за 20 луѓе. Установата ги почитува во целост мерките за заштита и не се групира во услови на пандемија – одговорија од Министерството за здравство на прашањето како се заразиле вработените и дали се одржувале групни состаноци со 20 луѓе во мала просторија.

Од Министерството велат дека сѐ уште не се готови резултатите од МАНУ во врска со тоа дали во кластерот заразени на Нефрологија е присутен британскиот сој на коронавирсуот.

– Анализи за секвенционирање на британскиот сој траат најмалку една недела. Во текот на викендов, МАНУ дополнително земаше брисеви од здравствените работници на Клиниката за нефрологија за да се извршат анализи, а дополнително ќе се секвенционираат брисеви од други градови од државата за да се утврди мутација – додаваат од Здравство.

Поврзани содржини