ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија од Скопје соопшти дека работи со полн капацитет, согласно препораките за работа на Министерство за здравство, дека обезбедува 24-часовен континуиран третман на пациентите, како и дека стручно-медицинскиот персонал стои на располагање со целото своето знаење и искуство да помогне во ситуацијата со пандемијата со ковид-19.
Соопштението од ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија од Скопје го пренесуваме во целост:
„Длабоко жалиме што ЈЗУ Универзитетска Клиника за хематологија-Скопје и нејзиниот стручно-медицински персонал без основ се става во контекст на дневно-партиски интереси, а на штета на пациентите. Во интерес на вистината, за да не се шири непотребна паника, ве известуваме дека Клиниката во периодот на вонредна состојба предизвикана од ширењето на ковид-19 болеста работи со полн капацитет, согласно препораките за работа на Министерство за здравство на Република Северна Македонија.
Во период во кој се соочуваме со пандемија со ковид-19, која секојдневно резултира со зголемување на бројот на заболени, преземаме вонредни мерки со кои треба да се спречи опасноста од ризикот за локална трансмисија.
Имајќи го предвид влијанието што може да го има оваа закана врз пациентите со хематолошки заболувања, координативното кризно тело за пандемија со ковид-19 на ЈЗУ Универзитетската Клиника за хематологија – Скопје, донесе вонредни мерки за условите за работа.
Овие мерки имаат за цел заштита и максимална безбедност на пациентите и на медицинскиот персонал, истовремено одговарајќи на потребите на пациентите преку обебедување континуиран третман.
Ја информираме јавноста дека секојдневно се спроведуваат мерки кои имаат за цел заштита и максимална безбедност на пациентите и на медицинскиот персонал, а истовремено одговарајќи на потребите на пациентите преку обезбедување 24-часовен континуиран третман.
Во услови кога се соочуваме со секојдневно зголемување на бројот на заразени со ковид-19 вирусот, Министерството за здравство има точно разработена стратегија и распоред за вклучување на кадри од сите специјалности во директно справување со пандемијата.
Доколку има потреба, стручно-медицинскиот персонал од ЈЗУ Универзитетската Клиника за хематологија стои на располагање со целото своето знаење и искуство да помогне.
Ги повикуваме сите добронамерни граѓани и организации, во овие тешки моменти да го поддржат севкупниот медицински персонал, а не да отежнуваат со создавање паника, страв, и недоверба. Ние го даваме нашиот максимум за да го чуваме и штитиме здравјето на нашите граѓани, понекогаш по цена и на нашето.
Апелираме да бидеме заедно и солидарни во оваа тешка ситуација. Останете дома и бидете здрави“.