КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ СЕ ПООПАСНИ ЗА ЗДРАВЈЕТО ОД КОВИД-19 Пандемијата ќе заврши, но нема вакцина против климатската криза
И покрај пандемијата на ковид-19, светот не може да го одложува преземањето итни мерки против глобалното затоплување и уништувањето на природата што го загрозува здравјето на луѓето, предупредија водечките медицински списанија во заеднички воведник.
„Здравјето веќе се промени под влијание на зголемувањето на глобалните температури и уништувањето на природата“, пишуваат главните уредници на дваесетина реномирани списанија, вклучувајќи ги Lancet, British Medical Journal и National Medical Journal of India.
Со зголемување на температурата од приближно 1,1 степени Целзиусови, последиците по здравјето на луѓето се веќе големи.
„Повисоките температури веќе предизвикаа зголемување на бројот на случаи на дехидрација и проблеми со бубрезите, малигни заболувања на кожата, тропски заразни болести, ментални проблеми, компликации од бременост, алергии и смртност, како и кардиоваскуларни и белодробни заболувања“, се вели во уводникот. Не смееме да го заборавиме падот на земјоделското производство, што ги попречува напорите за борба против неисхранетоста.
А тие последици, кои уште потешко ги погодуваат најранливите (малцинствата, децата, најсиромашните заедници …) само што започнуваат, предупредува уредништвото.
Зголемувањето на температурата за 1,5 степени Целзиусови – што може да се случи околу 2030 година, според извештаите на Меѓувладиниот панел за климатски промени објавени во почетокот на август – и постојаното губење на биодиверзитетот „може да предизвика катастрофална и непоправлива штета на здравјето“.
„И покрај легитимната загриженост за Ковид -19, не можеме да чекаме да заврши пандемијата за да ја намалиме брзо емисијата на стакленички гасови“, се додава во апелот, два месеци пред клучната климатска конференција на ОН COP26, во Глазгов, на почетокот на ноември.
„Опасностите што ги носат климатските промени може да ги засенат опасностите што ги носи секоја болест. Пандемијата на ковид -19 ќе заврши, но нема вакцина против климатската криза“, вели шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус во соопштението, истакнувајќи дека „секоја преземена мерка за ограничување на емисиите на стакленички гасови и на затоплувањето не приближува до поздрава и побезбедна иднина“.
Потсетувајќи на „невидените“ суми потрошени за време на пандемијата, медицинските списанија, исто така, повикуваат на значително зголемување на средствата за заштита на планетата и ги истакнуваат позитивните ефекти.
„Подобар квалитет на воздухот сам по себе ќе донесе здравствени придобивки и со тоа ќе предизвика намалување на глобалните трошоци за намалување на емисиите“, тврдат авторите.
Покрај зголемувањето на финансирањето, авторот бара „фундаментална промена во организацијата на нашите општества и економии, како и на нашиот начин на живот“, промени во транспортот, градовите, производството и дистрибуцијата на храна, финансиските пазари, здравствените системи и многу повеќе.
„Годината 2021 година мора да биде онаа во која нашата планета ќе го смени правецот: нашето здравје зависи од тоа“, истакнува главната уредничка на British Medical Journal, Фиона Годли, една од авторите на воведникот.
Фото: Pixabay