КИСЕЛА ВОДА ДОБИ ПРОТИВПОЖАРНО ВОЗИЛО Ќе може да го користи и скопската Противпожарна бригада
Шпаркасе Лизинг е општествено одговорна компанија, која 15 години донира во различни сегменти, со цел да се обезбеди квалитет на живот на граѓаните во Македонија.
Шпаркасе Лизинг донираше противпожарно возило на општина Кисела Вода, по повод 15 години постоење на македонскиот пазар.
Возилото ќе биде понудено на Противпожарната бригада Скопје со цел таа да може поефикасно да одговори на идните предизвици и да ги заштити жителите на општина Кисела Вода.
– Со особена чест и задоволство денеска сме тука да направиме еден важен чекор во насока на подобрување на безбедноста и квалитетот на животот во нашата заедница. Како компанија која е длабоко посветена на општествената одговорност и поддршката на локалните заедници, Шпаркасе лизинг го препозна значењето на соработката меѓу приватниот сектор и јавните институции. Денес, ја продолжуваме таа традиција преку донацијата на противпожарно возило на Општина Кисела Вода. Знаеме дека секоја општина се соочува со предизвици кои бараат брзи и ефикасни одговори, особено во ситуациите кога е загрозена безбедноста на граѓаните и на нивниот имот. Противпожарното возило кое ќе помогне во спасувањето животи и намалувањето штети во моменти кога секоја секунда е важна. Со оваа донација, се надеваме дека ќе придонесеме кон уште побрза и поефикасна реакција на противпожарните служби во Општина Кисела Вода. Шпаркасе Лизинг отсекогаш имала јасна цел – да биде повеќе од финансиска институција. Наша мисија е да ја поддржиме заедницата во која работиме и живееме, да вложуваме во развојот и подобрувањето на условите за сите граѓани. Овој чин на донација е само еден од многуте начини преку кои нашата компанија ја покажува својата посветеност кон општото добро. Сакам да се заблагодарам на градоначалникот и на тимот од Општина Кисела Вода за нивната посветеност и визија за подобра и побезбедна средина за сите граѓани. Убедени сме дека ова противпожарно возило ќе најде своја суштинска примена и ќе донесе корист на општината во многу години кои следат. И понатаму ќе останеме отворени за соработка и поддршка на вакви и слични иницијативи. Заеднички, можеме да направиме многу повеќе за нашата заедница и нашата иднина – изјави директорот на Шпаркасе лизинг Марјан Манчев.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски се заблагодари за донацијата.
– Секое лето, а посебно изминатово, сите видовме колку лесно и брзо може да се запали и прошири пожар, загрозувајќи го животот, домот и природата и за жал увидовме дека е неопходно подобрување на капацитетите на нашата Противпожарна Бригада. Голема е мојата благодарност до компанијата Шпаркасе лизинг, која ги препозна нашите намери и како општествено одговорна компанија, покажа исклучителна грижа за безбедноста на нашата заедница, донирајќи ни го ова противпожарно возило. Ваквите партнерства меѓу приватниот сектор, општините и јавните служби се и повеќе од потребни кога за цел имаме подобрување на условите за живот на сите граѓани. Наш следен чекор, како локална самоуправа е да ѝ го понудиме ова возило на Противпожарната бригада, со цел, таа да може побрзо и ефикасно да реагира и да ги заштити граѓаните, а пред сѐ жителите на општина Кисела Вода. Сметам дека снабдувањето со ново возило претставува значајна помош, особено во моменти кога навистина е неопходно брзо и ефикасно да се реагира – рече Ѓорѓиевски.