КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ СТАНА СВЕТИ КИРИЛ ЛЕШОЧКИ Канонизиран новиот македонски светител

Ова е чин со историско значење, дело кое, со Божјата помош и по застапништвото на преподобниот, ќе донесе духовни плодови за нашиот народ и нашата Црква, велат во Тетовско-гостиварската православна епархија. Датум за прослава на Свети Кирили Лешочки ќе биде 25 март по нов стил.

288

На света божествена литургија во тетовскиот соборен храм „Свети Кирил и Методиј“ денеска е извршена канонизација на македонскиот просветител и игумен лешочки Кирил Пејчиновиќ. Чествувањето почнa изутринава со Воскресна утрена богослужба, по која следуваше Светата божествена литургија и прогласувањето на Кирил Пејчиновиќ за светител Кирил Лешочки, на која чиноначалствуваше поглаварот на МПЦ-ОА, г. г. Стефан.

Верниците имаат можност да пристапат на поклонение до кивотот каде се изложени светите мошти на светителот и до неговата прва икона, изработена од зографот Кирил Златанов од Скопје.






– Иконата е одобрена од комисијата за канонизација на светители на МПЦ. Иконата нема за цел да биде фотографија туку таа го изобразува Обожениот лик на светителот во Царството небесно. Според архетипната икона, се очекува и други автори зографи да направат икони на преподобен Кирил Пејчиновиќ, информираат од Тетовко-гостиварската епархија.

Канонизацијата на игуменот Кирил Лешочки за светител и вбројување во диптихот на светите започна синоќа со Воскресна вечерна богослужба во Лешочкиот манастир „Свети Атанасиј“.

– Ова е чин со историско значење, дело кое, со Божјата помош и по застапништвото на преподобниот, ќе донесе духовни плодови за нашиот народ и нашата Црква, а воедно претставува и несекојдневен дел од црковната традиција, кој е душеполезно да се посведочи со личното присуство. Тетово и Полошкиот регион, но и нашиот верен народ ширум татковината и светот, добиваат уште еден молитвен покровител, принесувајќи му дар и на соборното Православие, а во слава на Бога. Нека е на многу години, порачаа од Тетовско-гостиварската православна епархија.

Г.Климент, епископ Хераклејски ја прочита одлуката на САС на МПЦ-ОА за вбројување на преподобниот Кирил Пејчиновиќ Лешочки во редовите на светите. 

Тој истакна дека Светиот Архирејски Синод на МПЦ на вонредна седница 10 мај 2022 година разгледувајќи го предлогот за канонизација за канонизирање во светител во лицето на преподобниот игумен Кирил Пејчиновиќ Лешочки врз основа на Уставот на МПЦ внимателно проучувајќи го животниот пат и пастирскиот подвиг како и чудата што се случуваат по неговите молитиви и непрестано почитување од православниот народ ја донесе оваа одлука.

– Светиот Архерејски Синод на МПЦ-ОА Преподбниот го вбројува во редот на светиите. Чесните останки на Светиот игумен Кирил Пејчиновиќ Лешочки, се свети мошти и се оддава достојно почитување, а  датум за негова прослава Синодот го определува 25 март по нов стил. За новоканинизиранот светител е живописсана икона и е напишано Житие, Акатист, Утрена и Вечерна Богослужба, прочита г. Климент.

Кирил Пејчиновиќ е роден во тетовското село Теарце во 1771 година. Првите почетоци од неговото образование биле во селото Лешок, а потоа во дебарскиот манастир „Свети Јован Бигорски”. Откако татко му го продал имотот во Теарце, задено со Кирил отишле во Света Гора каде што се замонашиле. По извесно време Кирил се вратил во Тетово, а оттаму во кичевскиот манастир „Света Богородица Пречиста“.

Во 1801 година станал игумен на Марковиот манастир во близина на Скопје. Тој го обновил оштетениот манастир и собирал стари текстови со што ја збогатил манастирската библиотека. Отворил манастирско училиште, а тука ја напишал и својата прва книга „Огледало“, печатена во Будим 1816 година.

Во Марков манастир Пејчиновиќ живеел дваесетина години, по што се вратил во родното Теарце. Го обновил Лешочкиот манастир со помош на верниците и отворил училиште во кое го подучувал локалното население.

Кирил Пејчиновиќ се упокоил на 12 март 1845 година во Лешочкиот манастир и е погребан во црковниот двор.

Големиот македонски просветител, народен учител и игумен на Лешочкиот манастир, освен „Огледало“, ги напишал и делата: „Утешение грешним“, „Житие кнеза Лазара“, како и „Епитафот“ кој е врежан на неговата надгробна плоча.

Поврзани содржини