Кир Заев, за нас и за целиот свет сме Северна Македонија, а за Грците уште сме Скопиа! Тоа по Преспански ли е?
Ќе постави ли некој банално прашање - камо бре во Грција патоказни табли со името „Република Северна Македонија“, или само „Северна Македонија“?
Еден обичен твит, во кој премиерот Зоран Заев напиша „македонска фудбалска репрезентација“ – како што и треба да се напише! – а потоа снисходливо, во неговиот добро познат стил на непристојна сервилност, се повлече и се извини, наводно е причината поради која Атина бега од исполнувањето на своите обврски од Преспанскиот договор.
Ви се верува?! Мене не…
Добро, се согласувам дека кога зборуваме за Преспа, треба да ја гледаме „големата слика“ и да не се оптоваруваме со небитни дребулии. Преспанскиот процес дефинитивно го оконча спорот меѓу двете земји, поради кои цели две децении бевме блокирани на патот кон ЕУ и кон НАТО. Нашата земја стана полноправна членка на НАТО. И сето тоа не е за потценување.
Од друга страна, од НАТО, барем засега, не видовме големо фајде. Со ЕУ повторно заглавивме, сега поради спорот со Бугарија. Иако Заев побрза да каже дека со Бугарите сме „с’шт народ“. Нејсе, за тоа не ни се виновни Грците и можеби можеме да се надеваме дека во некоја догледна иднина, кога Заев и на Бугарите ќе им даде нешто (има ли уште за давање?), конечно ќе уживаме во придобивките од овие бескрајни пазарења.
Муабетот ми беше друго… Ако веќе Грција си зема право и официјално имплементацијата на договорот да ја анализира на ниво на вакви ситници и на тој начин да бара „аргументи“ да ја обвини Македонија за непочитување на договореното, зошто и нашата дипломатија да не постапи реципрочно?
На пример, додека Македонија го промени официјалното име на државата, ги смени таблите и имињата на државните институции, а од 1 јули започна да издава лични документи со новото име на државата, јас во Грција немам видено ниту една обична патоказна табла на која е напишано новото име, име кое Грците договорно го прифатија – Северна Македонија. Ако случајно грешам, ако некој некаде има забележано таква ознака, би сакал да бидам демантиран.
Исто така, во дебатите во парламентот во Атина, во изјавите на официјални грчки лица и во друга комуникација од службен карактер, Грците фреквентно употребуваат други имиња за нашата земја (Скопиа, на пример), други имиња за нашиот народ и други придавки за нашиот јазик. Сето тоа е прекршување на Преспанскиот договор.
И затоа, ако Атина веќе наметнува една нова чувствителност во поглед на имплементацијата на договорот и при тоа обвинува и со банални и лажни „аргументи“, редно е односот да се воспостави на рамноправни основи. Зошро? Затоа што една од најважните придобивки на Преспанскиот договор е тоа што Грција и Македонија сега и формално се рамноправни партнери. Во НАТО седиме на иста маса и нашиот глас исто вреди.
Ама треба глас да имаш, па да вреди…
Навистина не ја разбирам субмисивноста со која нашата влада упорно прифаќа и дури и измислува „креативни“ толкувања на некои одредби од договорот, толкувања кои објективно значат атак врз македонскиот национален идентитет. Не знам зошто Заев понекогаш глуми поголем Грк од Мицотакис. Не ми е јасно, на пример, зошто се извини за оној банален твит, кога и самиот знае (има и кажано такво нешто) дека Преспанскиот договор не ја забранува употребата на придавката „македонски“.
А најмногу ме нервира тоа што Заев и Заевци упорно се трудат да го наметнат новото службено име на нашата земја во секојдневната и во неформалната комуникација, во медиумите и насекаде, како да не е доволно тоа што во сите официјални својства, во сите лични документи, ние веќе сме граѓани на Република Северна Македонија. А таа „екстензивна“ имплементација на Преспанскиот договор е непотребна.
Наспроти тоа, потребно е македонската влада да го постави прашањето до каде е грчката влада со имплементацијата на договореното. И тоа во сите негови аспекти. Од крупните, државни прашања, до оние од технички карактер, вклучувајќи ги и баналните. Како што е прашањето – камо бре во Грција патоказни табли со името „Република Северна Македонија“, или само „Северна Македонија“?
Кир Заев, сфаќаш ли дека за нас и за целиот свет сме Северна Македонија, а за Грците уште сме „Скопиа“?! Тоа по Преспански ли е?
Ја ти го Дендиас, питај го сега! Ако смееш…