КИР СТАРМЕР ПОД ПРИТИСОК Партијата на Најџел Фараж освои парламентарно место на дополнителните избори во Велика Британија
За движењето, за партијата, ова е многу, многу важен момент, апсолутно, без сомнение, и ова се случува низ цела Англија, рече политичарот Најџел Фараж, кој беше еден од најистакнатите поддржувачи на Брегзит.
Крајнодесничарската, антиимигрантска партија Реформирај го Обединетото Кралство на Најџел Фараж освои место во Долниот дом со само 6 гласа разлика на дополнителните избори во Велика Британија за Долниот дом на парламентот, што се одржаа вчера, објави ДПА.
Тесната победа во изборната единица Ранкорн и Хелсби, церемонијален округ Чешир, Северозападна Англија, од кандидатката на Реформирај го Обединетото Кралство, Сара Почин, значи дека партијата победува во едномандатна изборна единица што Лабуристичката партија на премиерот Кир Стармер ја освои со мнозинство од речиси 14.700 гласови на изборите пред помалку од една година.
ДПА го дефинира овој резултат како неуспех на Стармер на неговиот прв тест на дополнителни избори како премиер.
Популистичката партија на Фараж, исто така, оствари напредок против Лабуристите и Конзервативците во различни делови на Англија на локалните избори, одржани на денот кога луѓето од Ранкорн и Хелсби гласаа за испразнетото пратеничко место.
Лидерката на Реформирај го Обединетото Кралство ги поздрави резултатите од изборите, велејќи дека тоа е „голем момент“ во политиката.
– За движењето, за партијата, ова е многу, многу важен момент, апсолутно, без сомнение, и ова се случува низ цела Англија – рече Фараж, кој беше еден од најистакнатите поддржувачи на Брегзит.
Тој додаде дека тоа е знак дека Стармер „отуѓил толку многу од своите традиционални гласачи што е едноставно извонредно“.
Дополнителните избори во изборната единица Ранкорн и Хелсби беа предизвикани од принудната оставка на сега веќе поранешниот пратеник од Лабуристичката партија, Мајк Ејмсбери, кој призна дека удрил гласач. Ејмсбери доби 53% од гласовите на општите избори минатиот јули, а неговиот пораз, заедно со победите на Реформирај го Обединетото Кралство во други изборни единици, претежно на Лабуристите, ќе предизвика загриженост во канцеларијата на Стармер на Даунинг стрит 10, предвидува ДПА.