КИР СТАРМЕР НЕ Е ВИНСТОН ЧЕРЧИЛ Трамп разочаран што не доби британска воена поддршка против Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој во Белата куќа го пречека ирскиот премиер Михол Мартин по повод Денот на Свети Патрик, ги повтори своите барања до сојузничките нации да испратат бродови, за да помогнат во отворањето на стратешкиот Ормуски Теснец што Иран го држи во блокада.
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска упати остри критики до британскиот премиер Кир Стармер, оценувајќи дека тој направил „голема грешка“ со одбивањето да обезбеди соодветна воена поддршка за американските операции во војната со Иран, вклучително и ангажман на Кралската морнарица за деблокада на Ормускиот Теснец.
Трамп, кој во Белата куќа го пречека ирскиот премиер Михол Мартин по повод Денот на Свети Патрик, ги повтори своите барања до сојузничките нации да испратат бродови, за да помогнат во отворањето на овој стратешки премин. Со војната која навлегува во својата трета недела, цените на нафтата остануваат над 100 долари за барел поради иранската блокада на Ормускиот Теснец.
Претседателот на САД изјави дека иако го симпатизира Стармер, тој е длабоко разочаран од неговата позиција.
– Тој не беше поддржувач и мислам дека тоа е голема грешка. Знаете, тие заработуваат многу пари од трговијата со САД. Јас се потрудив за нив, направивме добар договор кој веројатно не беше ценет – изјави Трамп во Овалната соба.
Трамп додаде дека Стармер првично понудил да испрати два носачи на авиони, но дури откако војната во суштина ќе биде добиена.
– Му реков: не, не, ние сакаме работите да бидат испратени пред војната, а не откако војната ќе биде добиена. Разочаран сум од Кир. Мислам дека е фин човек, но, за жал, тој не е Винстон Черчил – истакна Трамп, додавајќи дека премиерот „не дава резултати“.
Трамп, исто така, ги опиша политиките на Стармер за имиграција и енергија како „катастрофа“, повикувајќи ја Британија да се врати на експлоатацијата на нафтените депозити во Северното Море, наместо да се потпира на енергијата од ветер.
За време на разговорот со новинарите, Трамп изрази разочарување и од НАТО, велејќи дека САД им помагаат на другите земји, а за возврат не ја добиваат истата помош.
На прашањето дали се плаши дека копнена инвазија на Иран би можела да биде повторување на Виетнамската војна, Трамп одговори:
– Навистина не се плашам од ништо.
Ирскиот премиер Михол Мартин за време на средбата во Белата куќа му порача на американскиот претседател Трамп дека Вашингтон и европските сојузници можат да работат заедно на надминување на разликите во врска со војната во Иран, нагласувајќи ја важноста на трансатлантските односи во време на зголемени тензии.
Мартин застана во одбрана на британскиот колега Стармер, истакнувајќи дека тој е сериозен лидер со кого Трамп веќе соработувал и дека постои капацитет за заеднички „терен за слетување“ и покрај сегашните несогласувања.
Средбата во Овалната соба, која траеше 40 минути, се одржа во сенка на критиките од ирската претседателка Кетрин Коноли за американско-израелските напади врз Иран. Трамп одговори дека светот треба да биде „благодарен“ за интервенцијата, тврдејќи дека без неа Блискиот Исток би се соочил со нуклеарна војна која би ја погодила и Европа.
За време на разговорот, Трамп вети дека цените на енергенсите драстично ќе паднат по завршувањето на војната и најави можна посета на Ирска наесен. Од своја страна, Мартин повика на соработка и за прашањата на имиграцијата, сугерирајќи воспоставување правен пат за миграција меѓу САД и Ирска.
Годинешните настани по повод Свети Патрик во САД беа делумно бојкотирани од челниците на ирската партија Шин Фејн, Мери Лу Мекдоналд и Мишел О’Нил, поради политиките на американската администрација во Газа.