КИНЕЗИТЕ ГО ДОБИЛЕ ОМИКРОН ПО ПОШТА ОД КАНАДА? Отсега отворање писма само со ракавици
Траги од омикрон-сојот имаат 22 примероци од писма и пратки од меѓународната пошта, иако, според еден медиум, 69-те најблиски контакти и 810 примероци од предмети блиски на жената не биле позитивни.
Кинеските здравствени власти тврдат дека омикрон-сојот на коронавирусот во земјата пристигнал преку писмо испратено од Канада, кое патувало низ Хонг Конг пред да дојде во главниот град Пекинг и да ѝ биде испорачано на една жена, пишува БизнисИнсајдер. Додека канадската пошта на својот сајт тврди дека заразувањето преку пратки не е можно бидејќи вирусот кратко опстојува на нив, властите во Пекинг веќе им порачаа на 23-те милиони жители на градот да не нарачуваат предмети од странство, а ако мораат, тогаш да ги отвораат носејќи ракавици и маска.
Истрагата е сѐ уште во тек, а како што се приближуваат Зимските олимписки игри кои треба да бидат одржани во Пекинг, вниманието пак се врти накај Кина, земјата каде за првпат пред две години, во Вухан почна пандемијата. Засега, траги од омикрон-сојот имаат 22 примероци од писма и пратки од меѓународната пошта, иако, според еден медиум, 69-те најблиски контакти и 810 примероци од предмети блиски на жената не биле позитивни.
Во очи на новото брзо ширење на омикрон-сојот, кинеските власти веќе одлучија дека на пошироката јавност нема да ѝ се продаваат билети за Олимписките игри. Би-Би-Си објави дека Кина ја следи политиката на „динамична нула на ковидот“ која вклучува масовни вакцинации, постојано тестирање и следење на движењата на луѓето со помош на паметни телефони за да остане во контрола врз пандемијата.
Дека Кинезите се сериозни зборува фактот што лани во ноември, градските власти во Шангај тестираа 33.000 луѓе, само затоа што во тамошниот Дизниленд беше пријавен еден позитивен случај на ковид-19.