КИНЕСКИТЕ БЕРЗИ ИМ ПРКОСАТ НА ЦАРИНИТЕ НА ТРАМП Инвеститорите посегнаа по акциите на технолошките компании

Се очекува стабилизациските фондови, поддржани од кинеската централна банка, силно да интервенираат на берзата во наредните недели.

536

Берзанските индекси во Кина и Хонг Конг денешното тргување го завршија позитивно, откако Пекинг објави документ во кој изразува подготвеност за дијалог со Вашингтон и покрај американските царини од 104%, а дополнителен поттик на пазарите им дадоа сигналите за владина поддршка за кинескиот пазар на капитал, пишува хрватскиот портал Индекс .

Индексот CSI300, кој ги следи перформансите на 300-те најголеми и најликвидни акции на берзите во Шангај и Шенжен и се смета за кинески еквивалент на американскиот индекс S&P 500, го отвори тргувањето во минус, но закрепна за да го заврши денот со раст од 1%.






Индексот Shanghai Composite порасна за 1,3%, додека Ханг Сенг, водечкиот индекс во Хонг Конг кој ги следи перформансите на 82 најголеми котирани компании во Хонг Конг, порасна за 0,7%.

Кина денеска соопшти дека ќе преземе „одлучни и ефективни мерки“ за да ги заштити своите права и интереси, како одговор на тарифите воведени од актуелниот американски претседател Доналд Трамп.

Во објавениот документ, Кина нагласува дека е подготвена да комуницира со Вашингтон за да се решат разликите, што ги смета за нормални меѓу двете најголеми светски економии.

„Ризичните средства се зголемија по објавувањето на овој документ што укажува на отвореност на Кина за дијалог, иако сè уште нема потврда дека разговорите со САД навистина се во тек, што значи дека чекаат дополнителни медиумски турбуленции“, велат аналитичарите на банката Сити во белешката до клиентите.

Според одредени медиуми, кинеското раководство планира денеска да одржи состанок за мерките за стимулирање на економијата и стабилизирање на пазарот на капитал.

– Вистинското бојно поле на оваа трговска војна се финансиските пазари, особено. Пазарите на двете економии веќе се силно погодени, а најлошото допрва доаѓа – изјави Тинг Лу, главен економист за Кина во јапонската банка Номура.

Тој очекува стабилизациските фондови, поддржани од кинеската централна банка, силно да интервенираат на берзата во наредните недели.

„Кинеските берзи беа дополнително поддржани од најголемите брокерски куќи, кои ветија дека ќе помогнат да се стабилизираат домашните цени на акциите“, објави Шангајската берза.

Голем број котирани компании најавија и откуп на сопствени акции, додека државната холдинг компанија Central Huijin продолжува да ги зголемува инвестициите во акции.

Кинеските инвеститори денеска купија акции во Хонг Конг во вредност од 35,5 милијарди ХК (околу 4,46 милијарди долари) преку системот Stock Connect, што е најголемиот дневен износ досега.

Поради продлабочувањето на трговскиот конфликт, инвеститорите се повеќе инвестираат во високотехнолошки сектори кои ги сметаат за клучни за технолошката независност на Кина. Акциите поврзани со производството на полупроводници пораснаа за 5,3%, а оние поврзани со вештачката интелигенција за 3,4%.

Акциите на SMIC, кинескиот гигант за чипови, скокнаа за околу 10%.

Индексот на кинеската одбранбена индустрија (CSI Defense) порасна за 5,8%, а раст забележаа и акциите на компаниите од секторот на недвижности и тоа 5,2 % на копното и 3,1% на пазарот во Хонг Конг.

– Трговскиот договор со Америка веројатно нема да се случи наскоро и инвеститорите треба да се подготват за нестабилност. Не треба да очекуваме отстапки како оние што ги направија Виетнам или Јапонија. 5.000-годишната историја на Кина не учи дека она што не се добива на бојното поле не може да се добие ниту на преговарачка маса – изјави Гао Ле, инвестициски советник во Galaxy Securities.

Поврзани содржини