КИНЕСКА АПЛИКАЦИЈА ПРОВЕРУВА ДАЛИ СТЕ УШТЕ ЖИВИ Наменета е за милиони луѓе кои живеат сами

Ако корисникот не „се пријави“ два дена по ред, апликацијата автоматски испраќа е-пошта до назначениот контакт третиот ден.

37

Мобилна апликација којашто добива сè повеќе популарност во Кина, остава малку простор за сомнеж за тоа колку осамен и мрачен може да им изгледа современиот живот на некои луѓе. Имено, ако корисникот не „се пријави“ два дена по ред, апликацијата автоматски испраќа е-пошта до назначениот контакт третиот ден.

„Дали си мртов?“ (Are you dead?) е платената апликација број еден во кинеската продавница за апликации на „Епл“ (Apple) во мигов. За 8 јуани (околу едно евро), корисниците можат да додадат контакт за итни случаи и да се означуваат себеси како „живи“ секој ден со притискање на светло зелено тркалезно копче со анимиран дух во средината. Насловот, се вели, е намерно ироничен, како игра на зборови со популарната кинеска апликација за достава на храна „Дали си гладен?“ или – „Еле-ма“. Кинескиот превод на „Дали си мртов?“ – „Силе-ма“ звучи слично.






Замислата е можеби едноставна, но е наменета и добродојдена за милиони луѓе во Кина кои живеат сами и бараат чувство на сигурност. Апликацијата е пуштена во услови на сериозни демографски предизвици – стареење на населението, долгорочни последици од политиката на едно дете и брза урбанизација што ги оддалечува луѓето од нивните семејства.

До 2030 година, се очекува Кина да има до 200 милиони домаќинства со еден член, а процентот на луѓе што живеат сами се очекува да надмине 30 отсто, објави државниот весник „Глобал тајмс“, повикувајќи се на истражувања од компании за недвижности.

„Поласкани сме и благодарни за огромното внимание“, изјави малиот тим од тројца програмери, во изјава за весникот. Тие додадоа дека планираат да ја ажурираат апликацијата со нови функции, вклучувајќи опции за пораки и подобра достапност за постарите лица, и дека можеби ќе го променат името.

Инаку, американската верзија „Демуму“ (Demumu) е шестата најпреземана платена апликација во американската „Епл ап-стор“ – раст што делумно може да им се припише на Кинезите што живеат во странство. Трендот на живеење сам е глобален. Во 2020 година, 27,6 отсто од сите домаќинства во САД биле домаќинство со еден член, што, според познавачите, е остар скок во однос на бројката од 7,7 насто во 1940 година.

Поврзани содржини