КИНА СО НОВИ МЕРКИ ЗА ДЕЦАТА Еден час во денот за играње компјутерски игри
Регулаторот пропиша дека сите деца под 18 години ќе можат да играат игри од 20 до 21 часот по локално време.
Компаниите за игри во Кина ќе мора да ги ограничат малолетниците да можат да играат игри само во петок, викенд и за празници по еден час, пренесува Синхуа.
Новите правила за ограничување на времето што малолетниците ќе можат да го поминуваат играјќи игри преку интернет, беа објавени од страна на Националната администрација за медиуми и издаваштво, како одговор на зголемениот проблем со овој вид на зависност, пренесува Ројтерс.
Регулаторот пропиша дека сите деца под 18 години ќе можат да играат игри од 20 до 21 часот по локално време, а компаниите за игри на интернет ќе им биде забрането да имаат можност за играње игри во било кое време надвор од пропишаното.
Покрај тоа компаниите вклучени во оваа дејност, ќе мораат да обезбедат системи за проверка на идентитетот на корисниците и проверка на нивното вистинско име.
Кина претходно го ограничи вкупното време за користење на овие платформи на 3 часа за време на празниците и 90 минути во други денови.
Националната администрација за медиуми и издаваштво, која го регулира пазарот за видео игри во Кина, изјави за Синхуа, дека ќе ја зголеми фреквенцијата и интензитетот на контролите врз компаниите за игри, а со тоа да утврди дали се почитуваат временските ограничувања кои се мерки за борба против зависноста од интернет и игри.