КИНА СО ГОДИНИ СЕ ПОДГОТВУВА ДА БИДЕ ЛИДЕР ВО СВЕТОТ Правото на САД на лидерство е оспорено и веројатно изгубено
Повиците за отпишување на Соединетите Американски Држави како партнер се нереални, бидејќи ги игнорираат геополитичките реалности и го потценуваат потенцијалот на тоа партнерство, рече канцеларот на Германија, Фридрих Мерц на отворањето на Минхенската безбедносна конференција.
Во моментов се урива светскиот поредок заснован на правила, порача канцеларот на Германија, Фридрих Мерц на отворањето на Минхенската безбедносна конференција.
– Заедно влеговме во ера која повторно е многу отворено обележана од моќта и од политиката на големите сили. Пред сè, го гледаме насилниот ревизионизам на Русија, нејзината брутална војна против Украина, против нашиот политички поредок со секојдневни сурови воени злосторства. Значи, ова е само најпроницливиот израз што го гледаме секој ден. Гледаме и други настани во светот кои се разликуваат од она што често го дискутиравме во оваа просторија – наведе Мерц.
Тој посочи дека Кина сака да биде лидер во обликувањето на светот и оти за тоа се подготвувала со години. Според Мерц, во догледна иднина, Пекинг би можел да биде на рамноправна основа со САД во воена смисла.
– Кина систематски ги користи туѓите зависности и го редефинира меѓународниот поредок во своја корист. Ако по падот на Берлинскиот ѕид постоеше униполарен момент, тој одамна е поминат. Правото на САД на лидерство е оспорено и веројатно изгубено. Враќањето на политиката на моќ, сепак, не е само вкоренето во соперништвото меѓу големите сили, туку е и одраз на немирни, вознемирени општества во време на револуционерни промени. Тоа е израз на желбата, исто така и во многу демократски држави, за силно лидерство во глобализираниот свет во кој особено демократските држави се приближуваат до границите на нивната способност за дејствување – посочи Мерц.
Јазот помеѓу амбицијата и можноста стана преголем, предупреди германскиот канцелар. Како очигледен пример, тој го наведе фактот дека БДП на Европската Унија е десет пати поголем од оној на Русија, но Европа во моментов не е десет пати посилна од Русија. Според него, огромниот воен, политички и економски потенцијал на Европа предолго време останува неискористен.
Мерц повика на итна промена во размислувањето, нагласувајќи дека слободата е уништена не само од вишок, туку и од недостаток на државна моќ. Тој го цитираше полскиот министер за надворешни работи Радек Сикорски, кој пред 15 години изјави дека помалку се плаши од германската моќ, отколку од германската неактивност и додаде дека активното преземање одговорност претставува клучна улога на Германија во новиот светски поредок.
Мерц рече дека повиците за отпишување на Соединетите Американски Држави како партнер се нереални, бидејќи ги игнорираат геополитичките реалности и го потценуваат потенцијалот на тоа партнерство. И покрај разбирањето на моменталната нелагодност во односите, Мерц рече дека Европа мора да се фокусира на создавање сопствена агенда преку обединета Европска Унија.
– Политиката на големите сили во Европа не е опција за Германија – нагласи канцеларот, додавајќи дека Берлин се стреми кон лидерство во партнерство, а не кон хегемонистички фантазии. Тој потсети на уставните измени што неговата влада ги направи за зголемување на трошоците за одбрана и реформите во воениот систем, вклучително и првото германско распоредување во странство во Литванија. Тој, исто така, го повтори своето ветување дека Бундесверот ќе биде најмоќната конвенционална армија во Европа.
Во економската област, Мерц повика на посилни инвестиции во вештачката интелигенција и нови технологии и го повтори барањето да се запре „експлозијата на европската бирократија и регулатива. Според него, Европа не смее да си наметнува окови што ја уништуваат нејзината конкурентност.
Канцеларот стави посебен акцент на потребата од попрецизна дефиниција на член 42 од Договорот за Европската Унија за меѓусебна помош во случај на вооружен напад. Тој објасни дека ЕУ мора да го разјасни овој механизам не како замена за НАТО, туку како независен и силен столб во рамките на Алијансата. Во овој контекст, тој откри дека почнал разговори со францускиот претседател Емануел Макрон за европска програма за нуклеарно одвраќање, што би била вградена во системот за споделување на нуклеарно оружје во рамките на НАТО.
Мерц ја нагласи важноста на сојузите со Франција и Велика Британија, како и пошироката соработка со Италија и Полска. Рече дека долгорочниот успех зависи од вклученоста на сите Европејци, бидејќи Германија е во срцето на Европа.
– Ако Европа е растргната, и Германија е растргната – заклучи Мерц.