КИНА, РУСИЈА И СЕВЕРНА КОРЕЈА СЕ ОБИДУВААТ ДА ГО ПРОМЕНАТ СВЕТОТ Калас открива опасна тактика на Пекинг, Москва и на Пјонгјанг

Високата претставничка на ЕУ Каја Калас предупредува за опасните геополитички потези на Москва, Пекинг и Пјонгјанг и ја повикува Европа на единство.

129

Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави дека Кина, Русија, Северна Кореја и Белорусија активно се обидуваат да го променат светскиот поредок.

– Го гледам тоа со голема загриженост – овие држави сакаат да се вратат во време кога моќта и силата одредуваа кој е главен – рече Калас во интервју за германската медиумска група РНД. Таа како пример го наведе неодамнешниот самит на Шангајската организација за соработка (ШОС) во кинескиот град Тјенџин.






Калас истакна дека Европската Унија може да се наметне како кредибилен геополитички играч, но само ако дејствува обединето и брзо носи одлуки, користејќи го пристапот на „морков и стап“.

– Русите сакаат да разговараме за тоа што Украина мора да отстапи за да се постигне мир, целосно игнорирајќи го фактот дека самиот Кремљ досега не направил никакви отстапки. Оваа дискусија за можни територијални отстапки е стапица и ние не смееме да паднеме во неа. Наградата за агресија ќе биде повеќе војна, а не помалку – нагласи Калас.

Таа ја опиша руската преговарачка тактика како процес во три чекори: прво барање на нешто што никогаш не го имале, потоа ултиматуми и закани, за на крај Западот да биде подготвен да ги исполни барањата на Москва.

– Максималистичките барања на Русија вклучуваат целосна контрола врз четири украински региони – Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, како и де јуре признавање на нивната незаконска анексија – додаде Калас.

Според Њујорк Тајмс, на Самитот во Алјаска минатиот месец, рускиот претседател Владимир Путин предложил мирен план според кој Украина би отстапила неокупирана територија во замена за писмено ветување од Москва дека нема повторно да изврши инвазија. Американскиот претседател Доналд Трамп го поддржал овој предлог како најбрз пат до мир.

– За мир секогаш се потребни двајца, а за војна еден. Украина сака мир, Американците сакаат мир, Европејците сакаат мир. Единствениот кој ги исмева и се потсмева на сите мировни напори е Владимир Путин – заклучи Калас.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, во интервју за Еј-Би-Си Њуз предупреди дека плановите на Москва за целосна окупација на Донбас до крајот на 2025 година можат да чинат „години и милион луѓе“, па дури и „два или три милиони трупови“ доколку Русија ја интензивира својата офанзива.

Поврзани содржини