КИНА НИШАНЕШЕ ГЕРМАНСКИ АВИОН СО ЛАСЕР, ХУТИТЕ НАПАДНАА ГРЧКИ БРОД Загрозена е мисијата на ЕУ на Црвеното Море

Најмалку двајца членови на екипажот на грчкиот товарен брод „Етернити Си“ се ранети, а двајца се водат како исчезнати по вториот вооружен напад во последните 24 часа во Црвеното Море. Нападот се случил неколку часа откако Хутите ја презедоа одговорноста за сличен напад на друг брод во сопственост на Грци во Црвеното Море, за кој тврдат дека го потопиле.

1,562

Германија го повика кинескиот амбасадор во Министерството за надворешни работи во вторникот, откако обвини дека кинеската воена морнарица насочила ласер кон германски авион кој учествувал во мисија на ЕУ на Црвеното Море, објави германски Билд, пренесе Ројтерс.

Овој нов наплив на тензии се случува во период кога во Европската Унија расте загриженоста за кинеското влијание врз критичните технологии и врз безбедносната инфраструктура во Европа.






„Ставање во ризик на германскиот персонал и нарушување на мисијата е целосно неприфатливо“, соопшти германското Министерство за надворешни работи на платформата Икс.

Кинеското Министерство за надворешни работи не даде веднаш одговор, ниту, пак, кинеската амбасада во Берлин одговори на испратено барање за коментар по електронска пошта.

Според германското Министерство за одбрана, станува збор за авион што учествувал во мисијата ASPIDES на Европската Унија, чијашто цел е заштита на меѓународните поморски рути во Црвеното Море. Авионскиот систем, наречен Мултисензорска платформа (MSP) или „летечко око“, вршел извидување во регионот уште од октомври.

Кинески воен брод, кој претходно неколкупати бил забележан во областа, насочил ласер кон германскиот авион без никаква најава или комуникација, за време на рутински лет во почетокот на јули, изјави портпарол на министерството.

– Со употребата на ласер, бродот ја загрозил безбедноста на екипажот и опремата – додаде портпаролот.

Летот бил прекинат како мерка на претпазливост, а авионот безбедно слетал на база во Џибути.

Министерството соопшти дека MSP повторно е вратен во мисијата ASPIDES. Станува збор за платформа управувана од цивилен комерцијален оператор, но во неа учествуваат и припадници на германската војска, а собраните податоци значајно придонесуваат за ситуациската свесност на партнерите.

Кина во минатото ги негирала обвинувањата дека користи ласери врз американски авиони. Инциденти со членки на НАТО од Европа и Кина се ретки.

Во 2020 година, американската Пацифичка флота соопшти дека кинески воен брод насочил ласер кон американски патролен авион над меѓународни води западно од Гуам – нешто што Кина тогаш го отфрли како неточно.

Нападнат грчки брод – ранети се членови на екипажот

Најмалку двајца членови на екипажот на грчкиот товарен брод „Етернити Си“ се ранети, а двајца се водат како исчезнати по вториот вооружен напад во последните 24 часа во Црвеното Море, соопштија денеска грчките власти и компанијата сопственик на бродот.

Товарниот брод „Етернити Си“, кој плови под либериско знаме, бил мета на поморски дронови и на чамци кај Ходеида, 50 наутички милји западно од јеменскиот главен град Сана, кој е под контрола на проиранските бунтовници Хути.

Центарот за поморски трговски операции на Обединетото Кралство денес соопшти дека грчкиот товарен брод сè уште е „опколен со мали пловни објекти од кои се вршат постојани напади“.

Нападот се случил неколку часа откако Хутите ја презедоа одговорноста за сличен напад на друг брод во сопственост на Грци во Црвеното Море, за кој тврдат дека го потопиле.

Се наведува дека бродот бил нападнат во неделата со дронови, ракети и со ракетни фрлачи, што ја приморало посадата да го напушти бродот.

Според наводи на грчката влада, 3 лица загинале во вчерашниот напад, а двајца членови на екипажот биле повредени, меѓу кои и еден Русин, кој, како што се наведува, го загубил долниот екстремитет.

Од ноември 2023 година, Хутите напаѓаат бродови во Црвеното Море како знак на солидарност со Палестинците во Појасот Газа.

Поврзани содржини