КИМ ЏОНГ-УН ЈА ПОКАЖА НОВАТА НУКЛЕАРНА МОЌ Северна Кореја ја претстави ракета што може да стигне до САД
На голема воена парада во Пјонгјанг, Северна Кореја ја откри интерконтиненталната ракета „Хвасонг-20“, со дострел до територијата на САД.
Северна Кореја синоќа во Пјонгјанг одржа голема воена парада, првата по две години, на која го претстави својот најнов и најмоќен нуклеарен систем — интерконтиненталната балистичка ракета „Хвасонг-20“. Настанот се одржа на плоштадот „Ким Ил Сунг“, по повод 80-годишнината од основањето на Работничката партија на Кореја.
Според државната агенција КЦНА, ова е „најмоќниот нуклеарен стратешки оружен систем“ што земјата го развила досега. Ракетата беше претставена пред илјадници присутни и пред меѓународни гости, меѓу кои кинескиот премиер Ли Чијанг, поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев и генералниот секретар на Комунистичката партија на Виетнам, То Лам.
Фотографии од парадата покажуваат како огромната „Хвасонг-20“ минува низ плоштадот, додека толпата развева севернокорејски знамиња. Според воени аналитичари, оваа ракета има дострел доволен за да погоди цели длабоко во територијата на САД.
Во својот говор, лидерот Ким Џонг-ун ја повика армијата да се изгради во „непобедлива сила“ која ќе може да ги „уништи сите закани“. Тој се повика на „херојскиот борбен дух“ и „победите“ на севернокорејските сили, за кои рече дека се пример за „меѓународна правда и вистински мир“.
На парадата беа прикажани и други современи системи, вклучително и хиперсонични ракети, што дополнително го покажува растечкиот воен капацитет на Пјонгјанг.