КИЛМЕР СЕ БОРЕЛ СО МНОГУ СЕРИОЗНИ БОЛЕСТИ Откриена е официјалната причина за смртта на актерот
Американскиот актер Вал Килмер почина на 1 април на 65-годишна возраст.
Иако неговата ќерка Мерцедес Килмер информираше дека актерот ја изгубил битката со пневмонијата, посмртницата која била издадена од Одделот за јавно здравје на округот Лос Анџелес и добиена од медиумите, открива дека тој се борел со многу тешки здравствени состојби.
Покрај пневмонијата, неговата смрт била предизвикана и од сквамозен карцином на коренот на јазикот, хипоксемична и хронична респираторна слабост, неухранетост и трахеокутана фистула.
Телото на актерот било кремирано на 7 април.
Килмер со години се бореше со рак на грлото, кој му беше дијагностициран во 2015 година. Иако во 2021 година изјави дека е излечен, третманите, вклучувајќи зрачна и хемотерапија, како и две трахеотомии, оставија сериозни последици. Неговите гласни жици беа тешко оштетени, поради што речиси не можеше да зборува.
Иако актерот првично ја негираше дијагнозата на рак и ги избегнуваше медиумите и јавните места, драстичните промени во неговиот изглед предизвикаа сомнеж кај неговите обожаватели. Ситуацијата дополнително ја искомплицира неговиот пријател Мајкл Даглас, кој во едно интервју спомна дека Килмер се борел со болест низ која и самиот поминал.
Дури во 2017 година Килмер призна дека се борел со ракот.
Според блиски извори, Килмер со години бил прикован за кревет, а неговата состојба се влошила во последните месеци.