Килавите татковци и мајката – маќеа

Амбасадорката Агелер имаше и има можност и простор, ако не јавно, тогаш барем гласно да им шепне на косовариве и на нивните овдешни пулени дека оваа работа не ја бива на ваков начин. Редно е да им каже дека нејзината држава САД не се согласува со повици за правење големи држави на Балканот и за рушење на постојните.

2,023

Последниве десетина месеци нема ден, а да не се навратам на прашањето: Дали ова што ни се случува последниве неколку години не наликува на одамна подзовриен котел, кој само што не почнал да зоврива и да прекипува од сите страни, а кој пак катадневно постојано се подгрева сѐ повеќе и посилно?

А подгревачи секој ден сѐ повеќе и повеќе. Сѐ ,,јунак до јунак“. Логичен е заклучокот дека како резултат на превисоката температура, прашање е на ден кога котелот ќе преврие и ќе се направи ненадоместлива штета.






Од друга страна, многубројните афери и партиски ,,вистини”, кои во бранови, една по друга, деновиве ја „потресуваат“ и допрва ќе ја „потресувааат“ македонската јавност, претставуваат корисна подлога за замајување на јавноста и за заметнување на траговите.

Агресивната, налудничава пропаганда за наводно обезбедено парламентарно мнозинство за уставни промени, кое демек е тука, ама никако да се реализира, го слушаме со месеци наназад. На профанисаниот министер Бујар Османи дури ни таблата и кредата не му помогнаа да ни ја објасни суштината и користа од преговарачката рамка со ЕУ, а уште помалку да ги оправдаат неговите и на колегата му Маричиќ кататрофално лошите потези и одлуки.

Сѐ уште немам одговор зошто се сиве овие изнасилени обиди на власта, по секоја цена наметнување индивидуално и групно лудило и идиотизам кои се во врска со нивната перцепција за наводна подобра наша иднина по бугарски диктат. Жално, но вистинито, на идиотлукот му нема крај!

Политичарите од власта со својата безличност, безидејност, ароганиција и сервилност постојано ни сервираат розова виртуелизација на состојбите во иднина во која и самите тие не веруваат. Свесни се дека ова вака не може и не треба да помине, ама демек сме морале.

Сума сумарум лично мене работата се повеќе ми наликува на онаа народната ,,купи ден, помини“, да ,,вергламе“ и да издржиме до избори догодина. А додека тие ,,верглааат“, ние сѐ повеќе тонеме во калта.

Со ваквата состојба гледам дека се соживеал и претседателот Пендаровски. Добивам впечаток како да е ,,Алиса во земјата на чудата“. И тој вергла, ама по сѐ изгледа не знае зошто. Од ден на ден сѐ повеќе ми се потврдува ставот кој го изреков на почеток на неговиот мандат, дека „претседателското одело му е прешироко“. Гледаме дека тој ,,нема плуќа (гради) и рамења да го исполни оделото“.

На неговото досегашно бледило и безидејност се надоврзаа и неговата неодлучност и стравот. Цели два дена му требаа да се охрабри и преку соопштение од неговиот кабинет да Ѝ се обрати на јавноста за случувањата во Чаир. Ама, во таа неодлучност, по обичај, пак се збрка и повторно ги помеша лончињата. За преименувањето на улицата Втора македонска бригада во Адем Демачи, се обрати до општина Чаир, иако одлуката е донесена од Советот на Град Скопје, кој е надлежен за оваа работа.

Да потсетам дека во тоа време градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, негов сопартиец. После цели две и пол години отако се случи применувањето на улицата, сега на Пендаровски му текна да бара преспитување на процедурата. Наместо да биде директен и акцент да стави на барањето одговорност и казни за рушителите на унитарноста на државата, тој се однесуваше „како киша око Крагујевца“. Два дена се врткаше и се трткаше, за во соопштението од Кабинетот да го напишат зборот одговорност.

На ова сивило и неодлучност се надоврза и премиерот Ковачевски. И тој, пост фестум, со свое гледање на работите „подобро било да изграделе нова улица и да и го дале името на Адем Демачи“. Наместо да удри по „магарето“, тој удира по „самарот“, демек неговиот кабинет го повикал косовскиот амбасадор да објасни за знамето со „Голема Албанија“!? Демек, амбасадорот ја организирал целата церемонија?!

Ццццццццц…

Дечки од првиот ешалон на власта, досега требаше да знаете дека државата не се брани со соопштенија и со криење од јавноста кога се загрозени нејзините темели, кога е загрозена нејзината унитарност. Во ваква ситуација, кога преку национал-шовинистичко сценарио и иконографија, јавно се пропагираат шовинистички, сепаратистички и сецесионистички идеи, идеи за голема Албанија и одвнатре се руши сопствената држава, се излегува пред јавноста и остро се осудуваат ваквите идеи и иницијативи. Кога имате ваков проблем должен сум да ве потсетам дека имате имате законска регулатива и судски, обвинителски и други органи кои треба експресно да реагираат и да си ја завршат својата работа.

Со куси, бледи, задоцнети и изнудени соопштенија, не можете да се ,,исперете“ кај граѓаните. Поради вашата ненавремена и ,,реда-ради“ реакција, дополнително се охрабри градоначалникот на Тетово, кој со објавеното видео на неговиот фб-профил, повторно, по којзнае кој пат, ја понижи Македонија со пораката „Welcome to Albania“ (Добредојде во Албанија).

И да бидат поголеми нелојалноста, некоректноста и непочитувањето на државата во која овие наши сограѓани се родиле, пораснале и сега се на дебели државни јасли, ни се случи штотуку испилени политичари да му пркосат на тој ист Пендаровски и на сите нас. Дрскоста и беобразлукот оди дотаму што преку Пендаровски ни префрлаат дека ние Македонците не сме ја разбирале мултиетничноста.

Замислете, Македонија и Македонците не ја разбирале мултиетничноста, а истите се пример како, поради потребата и чувството за соживот со малцинствата на нејзина територија, државата дозволи права и слободи, стандарди и вредности далеку поголеми од општо прифатените и практикувани во светот. Народ кој заради соживотот дозволи неговата држава од национална да стане мултиетничка, а премолчано и бинационална држава.

Јавно прашувам – ова ли е албанофобија?

И повторно молк од страна на претседателот во заминување. И затоа, господа функционери од власта, вашите позиции, покрај удбопствија, налагаат и сериозни обврска и одговорност кога е во прашање опстојот на државата.

За да бидам објективен како секогаш што сум бил, не смеам да го премолчам и оној бегалецот во Будимпешта. И нему и на неговите компањони арамии во власта им се случуваа вакви и слични манифестации. И тие, како и овие сега, молчеа, бидејќи побитно им беше опстојување на власт, па затоа дури и амнестираа терористи за кривични дела кои не застаруваат според меѓународното право.

Во целата оваа ситуација се надоврза и нашата ,,добродетелка“, амбасадорката на САД во Македонија, госпоѓата Агелер. Лично ѝ благодарам што пред извесно време директно и со недопломатски речник ги „подбра“ политичките и судските структури за криминалот, корупцијата и политизираноста, но никако не можам да го разберам нејзиниот молк по однос на сеалбанскиот сепаратизам и илузионизам, со кој се нарушуваат мирот и безбедноста во државата и на Балканот.

Ако пред десеттина денови Агелер се покажа како „грижлива мајка“, таа мораше и сега по истиот терк да ги укори и да им укаже на овие аздисани политички орлиња, кои заслепени од желбата за власт ги нарушуваат унитарноста и мирот во државата, но и пошироко. Не може таа еднаш да биде „мајка“, а друг пат „маќеа“. Амбасадорката Агелер имаше и има можност и простор, ако не јавно, тогаш барем гласно да им шепне на косовариве и на нивните овдешни пулени дека оваа работа не ја бива на ваков начин. Редно е да им каже дека нејзината држава САД не се согласува со повици за правење големи држави на Балканот и за рушење на постојните.

Постојат многу други цивилизирани начини да и се одаде признание на една личност, а притоа дрско и безобразно да не се посега по чувствата на своите сограѓани и да се погазуваат и негираат симболите и обележјата на државата во која сте родени и во која опстојувате и уживате.

Поврзани содржини