КИЕВ УДИРА ВО СРЦЕТО НА РУСИЈА Украина најави нова фаза на напади длабоко на руска територија
Украинскиот генерал Сирски објави војската ќе навлезе пожестоки напади.
Врховниот командант на вооружените сили на Украина, генерал-потполковник Олександр Сирски, најави ескалација на украинските напади врз воени цели длабоко на територијата на Русија, велејќи дека целта е да се наруши способноста на Москва за агресија и бомбардирање на украинските градови.
Во изјава дадена за новинарите, Сирски порача дека ваквите офанзиви ќе продолжат и ќе се засилат.
– Секако, ќе продолжиме. Ќе го зголемиме обемот и длабочината на нашите напади на руска територија – нагласи тој, додавајќи дека Киев ќе цели исклучиво врз воени објекти.
На 1 јуни, Украина спроведе масовен воздушен напад со дронови, кои беа шверцувани длабоко во Русија. Во таа операција, која се смета за една од најсмелите досега, беа погодени неколку аеродроми и уништени десетици руски авиони и тоа на локации оддалечени илјадници километри од украинската граница.
Украинските власти тогаш истакнаа дека нападот бил одговор на постојаните воздушни напади од руската страна врз цивилната инфраструктура и населени места во Украина.
Во меѓувреме, дипломатските обиди за ставање крај на војната, која трае од февруари 2022 година, остануваат во ќор-сокак. Последниот состанок меѓу двете страни се одржа пред речиси три недели, но од тогаш нема најава за нови преговори.
Од Киев тврдат дека Москва намерно го одложува процесот на мир за да обезбеди време и простор за заземање нови украински територии.