КИЕВ СО ЈАСНА ЦЕЛ, ВО ЕУ ДО 2027 ГОДИНА Зеленски порача дека се подготвени за сите кластери веќе во 2026
Украинскиот претседател вели дека членството во ЕУ е клучна економска и безбедносна гаранција за земјата.
Украина ќе биде подготвена за отворање на сите преговарачки кластери со Европската Унија во првата половина на 2026 година, а целосно технички подготвена за членство во 2027 година, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува Укринформ.
Зеленски ова го соопшти на заедничка прес-конференција со претседателите на Литванија и Полска во Вилнус, нагласувајќи дека е клучно Украина да добие јасен датум за пристапување кон ЕУ како дел од идниот мировен договор.
Според него, ваквиот чекор би обезбедил конкретни безбедносни гаранции и би спречил можни блокади на украинскиот европски пат.
– Вториот слој на безбедносни гаранции за Украина се европските безбедносни гаранции, Коалицијата на волјата и, најважно, членството во Европската Унија. Тоа се економски безбедносни гаранции за нашата држава. Нашата цел е 2027 година – истакна Зеленски.
Тој повтори дека Украина веќе работи интензивно на реформите и дека во првата половина на 2026 година ќе биде технички подготвена за отворање на сите преговарачки кластери со Унијата.