Кич политики
Провинцискиот менталитет и слугувањето на неговото височество кичот веќе одамна стана modus operandi (и) на оваа власт
Кога премиерот не би бил таков каков е, кога неговата партија не би била таква каква е, кога оваа коалиција на власт би била навистина прогресивна а не кич ориентед, на „госпожата“ министерка за одбрана по „скандалот Лавров“ веднаш ќе требаше да ѝ се заблагодарат за „придонесот“ во Владата.
Впрочем, тоа требаше да се направи многу порано, особено по она силеџиско натегање со општина Желино околу нејзиниот ќеф незаконски да постави споменик на загинатите војници кај Карпалак. А сега, очигледно од неукост и некултура, му се навртела на Лавров, човек/политичар барем двапати повозрасен од неа и со кариера каква што таа не би можела да одработи уште за три-четири сдсмовски животи: „не гледам зошто тој би доаѓал овде“, вели таа!
И тоа е, меѓу другото, на дело таа кич политика воведена (и) од оваа власт, во која секоја партиска шушумига може да стане министер и да креира „политики“, може својата кусогледост и незнаење да ги проектира и врз важни меѓународни политички прашања или личности, може и – како „министерот“ за транспорт – со одвај еден колку-толку исправен воз да потпишува меѓународен договор за брза пруга… итн.
Провинцискиот менталитет и слугувањето на неговото височество кичот веќе одамна стана modus operandi (и) на оваа власт. Што драстично им ја менува и диоптријата и фокусот врз важното и неважното, општото и посебното. Одеднаш сите македонски политиканти од власта станаа глобални играчи желни да толкуваат светски процеси и личности, не гледајќи што и како им се случува во земјата. Нив не ги загрижуваат изјавите на Таравари, „музејот“ во Сопот, бравурозните политикантски лупинзи на Османи или дивеењето на тинејџерските банди во Скопје…, тие пак ќе се провикнат „стани Цаци да те види сала“ или ќе ја обвинуваат опозицијата за катастрофалниот Извештај од ЕК итн.
За жал, глупоста и простотилакот на партиските раководни структури и нивната автократска поставеност го држи во строга потчинетост целото членство (со чесни но многу, многу ретки исклучоци!). Што за оние пајтон-партии и не е големо чудо, но кога и една партија којашто себеси сака да се гледа како прогресивна, па дури и има и некакво историско „педигре“ во коешто зборот демократија и морал имале доволно полни значења и политичка длабочина, се препушта на кич стихијата, тогаш иднината на македонската повеќепартиска сцена е јасна.
Впрочем, сѐ што допре актуелната македонска политика, го претвори во – кич, во извртена реалност, во провинциска незрелост. Дури и Уставот, со сето она набројување на народи односно делови на народи – сега дури и Бугарите! – кои, ете, демек некако придонеле во борбата за создавање самостојна и суверена држава Македонија. Иако никој не знае кога и како!? Но никој не прашува ни што остана од оние други цели во преамбулата: Македонија да се конституира како суверена и самостојна и како граѓанска и демократска држава; да се воспостави и изгради владеењето на правото како темелен систем на власта; да се обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот итн.? Или тие, сега, се згазени од кич-државата и нејзините сменети приоритети?
Но, всушност, она што навистина е сменето е токму политичкиот амбиент во Македонија, значењето на зборот политика, па и демократија, моралните и прогресивните вредности и мерила, општото интелектуално милје во државата. Тоа е срцевината на оваа културна војна: Македонија веќе нема своја политика туку има „политики“ на дуи, сдсм, вмро-дпмне, алијанса и беса (малите букви се реален одраз на нивното значење за државава!) и – „упатства“ од т.н. „меѓународна заедница“ што и како треба да се случува во државава.
Што, во принцип, при ваква локална политикантска понуда, некогаш и не е лоша варијанта. Но, кога ние би знаеле да ја „прочитаме“. Зашто, на пример, и за жал, дури и „ефективната сугестија“ од странските партнери – ако американската „црна листа“ може (и) така да се нарече! – оваа власт наоѓа начини да ја маргинализира и „неутрализира“. Како што беше досега, особено во „случајот Мерко“, кој е типичен пулен на власта и мешетар пар екселанс. А сега, како да се подразбудија, па министерот за внатрешни бара законска можност компаниите и лицата што се наоѓаат на таа листа да немаат можност да учествуваат во јавните набавки во кои ќе се исплаќаат јавни пари.
А за да не остане подолу, и веќе фамозната вицепремиерка за лошо владеење бара доколку на некој функционер, кој во моментот е на позиција, му биде изречена таква санкција, мандатот веднаш да му престане. А како на Мерко ќе му престане мандатот кога тој е биран од граѓаните? Или што ако некој пратеник во Собранието се најде на „црната листа“? Или, замислете, тоа да биде – Ковачевски? Ама немаме ние таква среќа.
Сакам да кажам: сето ова прозвучува расштимувано, недомислено и неусогласено (иако седат во иста влада!), па и малку наивно, нели. Но основното прашање е: што во меѓувреме ќе работат македонските служби надлежни за криминал и корупција? Ќе „вртат палци“ цела година и ќе ги чекаат американските објави на имиња на „црната листа“?! И значи ли тоа, меѓу другото, и дека ние веќе немаме наши способни институции, наш „стандард“ или репер за тие „дејности“, па и за перењето пари, на пример, па американската „црна листа“ ќе ни биде супститут односно ќе ни ги открие тие лица и фирми?
Сето тоа длабоко мириса на кич-политики, на инфантилни импровизации недозволиви во една современа демократска држава. На што, повторно, нѐ потсетува уште еден фамозен играч на македонската политикантска сцена – Судскиот совет. Тој, имено, повторно смислил „историска“ одлука: да го казни судијата кој 9 месеци го чувал предметот „Тврдина-Таегет” за да застари, со 20 отсто од платата во наредните 6 месеци! За намерно застарување на најважниот предмет во актуелната судска пракса и „темелот“ врз којшто се градеше и СЈО и оваа „прогресивна“ власт! На здравје.
Затоа, впрочем, и клучното прашање за македонската политика, или „политика“: кој ја конфигурира, и како, и дали воопшто ние имаме наша политика? Па дури, во ваква кич ситуација, дали воопшто и можеме/треба да ја имаме? Се разбира, знам дека ова е многупосакуваната небулозна зона за тезите на оние кич-интелектуалци (со примерот за слоновите, па со значењето на албанскиот фактор и слични глупости), за нашата малост, па и неспособност да се носиме со актуелните трендови на светската геополитичка ситуација итн. А со што јас длабоко не се согласувам бидејќи тоа е само проста замена на тезите, односно оди на линијата на оној дефетистички „концепт“ дека ако не можеш да го победиш непријателот – приклучи му се.
Но, но, се појавува дилемата: гради ли, смислено, некој/некои таква реалност, таква импресија за македонската неспособност – не само политичка – и дали и тоа е дел од културната војна? Или неспособноста на оваа власт е сосема доволна самата да се дискредитира. Тогаш, останува прашањето: зошто поддршка, дури и на меѓународната заедница, за една ваква неспособна власт? Само овие ли се (не)кадарните да ја изведат докрај играта за неспособната држава на којашто, очигледно, ѝ треба помош?!
Извор: Теодосиевски уметност