КИЈАНУ РИВС СО СВОЈОТ РОК БЕНД ЌЕ НАСТАПИ НА ФЕСТИВАЛ ВО КРАГУЕВАЦ Во „Догстар“ актерот свири бас-гитара
Арсенал фест 2024 ќе се одржи од 27 до 29 јуни во Кнежевскиот Арсенал во Крагуевац.
Познатиот холивудски актер Киану Ривс со својот бенд „Догстар“ во кој свири бас-гитара е првото потврдено име на Арсенал фест 2024, кој ќе се одржи од 27 до 29 јуни во Кнежевскиот Арсенал во Крагуевац.
Американското алтернативно трио „Догстар“ во кое Кијану Ривс свири бас, по две децении ги обнови концертните активности и објави нов албум.
Догстар, во кој се и гитаристот и пејач Брет Домроуз и тапанарот Роб Мејлхаус, објави на својот Инстаграм дека по две децении повторно ќе свири на 27 мај на фестивалот во Долината Напа во Калифорнија.
„Кијану беше малку нервозен поради настапот, но Мејлхаус го смируваше: Тој беше само супер-позитивен. Тој постојано повторуваше: Слушајте ја музиката. Само биди присутен во песната и таа сама ќе оди натаму“, пишува Сан Франциско хроникл.
Моментно Ривс со „Догстар“ е на американска турнеја која трае до крајот на годината.
Во мај следната година бендот доаѓа во Европа каде што ќе настапи на неколку фестивали, најпрвин во Шпанија, потоа во Германија, Австрија, Чешка, Хрватска, а потоа и во Србија на Арсенал фест.
Бендот досега ги има издадено албумите „Нашиот мал визионер“ (1996), „Среќен крај“ (2000), а по 23 години пауза, неодамна беше издаден и третиот „Некаде помеѓу електричните линии и палмите“ за неговата независна издавачка куќа „Дилон Стрит рекордс“.
Групата „Догстар“ е основана во 1991 година, откако Ривс и Мејлхаус случајно се сретнале во супермаркет, а хокејот ги поврзувал. Оригиналниот вокал и гитарист Грег Милер се приклучи во 1992 година, но го напушти бендот по турнејата во 1995 година.
Инаку, „Догстар“ се има појавено во филмови меѓу кои „Јас и Вил“ и „Ели Паркер“, а настапи и како предгрупа на Дејвид Боуви во 1995 година.