КЕЈОТ НА ВАРДАР ДОБИВА НОВ ЖИВОТ Отворени обновените игралишта, градска плажа во најава

Обновените спортски терени, фитнес-зоните и најавената градска плажа треба повторно да го вратат животот покрај Вардар. Проектот, според градските власти, има цел кејот да стане модерен простор за спорт, рекреација и дружење за сите скопјани. Градоначалникот најави и современа градска плажа.

282

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, ги пуштија во употреба обновените спортски терени на кејот на Вардар, простор кој повторно станува место за живот, рекреација и спорт.

Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук посочува дека кејот на Вардар е еден од неговите клучни приоритети. Нагласува дека уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник почнал со темелно чистење и уредување, со што конечно реката повторно тече низ своето природно и нормално корито.






„Денес, овој простор добива нов лик и јасна визија, функционален, модерен и жив јавен простор отворен за сите граѓани. Реконструирани се спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема, а се создаваат и современи фитнес-зони на отворено кои ќе бидат место за рекреација и здрав живот. Во рамките на проектот опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и повторно ќе бидат ставени во служба на заедницата“, напиша Ѓорѓиевски.

Фото: Град Скопје

Тој информира дека на овој потег ќе се уреди и современа градска плажа кое ќе биде безбедно, чисто и достапно катче за одмор, спорт и дружење, кое ќе внесе нова енергија покрај реката и ќе го доближи Скопје до современите европски урбани стандарди.

Фото: Принтскрин

Градоначалникот посочува дека инвестирањето во спортот значи инвестирање во здрави навики, во здрави млади генерации и во силно општество.

„Искрена благодарност до министерот Борко Ристовски за поддршката и партнерскиот пристап. Токму преку ваква соработка се реализираат проекти кои носат вистинска вредност за граѓаните. Ова, почитувани, е само почеток. Нашата визија е рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее. Најдоброто, доаѓа!“, напиша Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини