Казни од 100 франци за „шопинг туризам“
Паричната казна нема да се наплатува само поради купувањето, туку за попречување на работата на граничарите, соопшти швајцарската влада.
Швајцарија ќе ги казни купувачите кои ги игнорираат ограничувањата поврзани со вирусот и одат на шопинг во соседните земји каде цените се пониски, соопшти владата.
Државјаните на Швајцарија често ги посетуваат Австрија, Франција, Германија и Италија за да ги искористат предностите на генерално пониските цени и можноста за неутрализирање на данокот на додадена вредност, дури и основните намирници, пренесе „Ројтерс“.
Границите во Швајцарија се затворени за вакви патувања за да се спречи ширењето на коронавирусот, но граничната полиција соопшти дека забележале зголемен број патувања преку границата поради пазарување.
По враќањето во Швајцарија, ќе им биде наплатена казна од 100 франци ако очигледно станува збор за „шопинг туризам“ и доколку границата се премине единствено за таа цел, соопштија од владата.
Паричната казна нема да се наплатува само поради купувањето, туку за попречување на работата на граничарите, соопшти швајцарската влада.
Луѓето сепак ќе можат да ја преминат границата за работа, грижа за болни роднини, медицински третмани и други оправдани причини за патување во соседните земји.
Во Швајцарија, бројот на починати се зголеми за 44 или вкупно 1.017, соопшти денеска здравствената агенција, додека бројот на новозаболени се зголеми за 396 или вкупно 26.732 лица.