КАЗНЕТИ 2 ОСИГУРИТЕЛНИ КОМПАНИИ ПОРАДИ ПРОПУСТИ Граѓаните поднеле 106 претставки до Агенцијата за супервизија на осигурувањето
Во првото полугодие годинава најбројни се претставките исплата на штети од автомобилска одговорност и за осигуран имот. Најголем раст има кај бројот на претставки со кои осигурениците се жалат на рокот во кој компаниите ги решаваат штетите.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) во првото полугодие од годинава решавала 135 претставки од осигуреници кои се жалат на услугите на осигурителни компании и брокерски друштва. АСО, врз основа на обработените претставки, утврди пропусти во постапувањето кај 2 осигурителни компании за што им изрече и парични казни.
Осигурениците во овој период најчесто се жалеле на остварување на правата за обештетување по полиси од автомобилска одговорност и од осигурување имот.
Во корист на осигурениците АСО реши 21 претставка и тоа е за 31 отсто повеќе од истиот период минатата година. Очекувано, најголем број, односно 12 од позитивно решените претставки се кај осигурувањето од автомобилска одговорност, најмасовната класа осигурување.
Во корист на осигуреници се решени 4 претставки за осигуран имот, 2 претставки за осигурување од незгода и по една поплака за приватно здравствено осигурување, за осигурување живот и за каско осигурување.
Во процес на решавање се 23 претставки, а 16 се повлечени од подносителите. Во 16 случаи АСО утврдил дека поднесоците се без основа, а негативно се решени 59 од обработените претставки.
Што се однесува до видот на осигурување, очекувано, осигурениците најчесто се жалеле на услуги во најмасовната класа – автомобилско осигурување. АСО, од оваа класа осигурување, обработил 47 претставки меѓу кои најбројни односно 26 поплаки се за постапки за обештетување преку пополнување Европски извештај.
Во првото полугодие поднесени се 26 претставки за осигуран имот. Кај оваа класа има најголем раст на поднесени претставки во однос на истиот период лани и тој изнесува 160 отсто.
Најчеста причина за поднесена претставка во овој период е основата по која компаниите исплаќаат штети. За првите шест месеци се примени 50 такви претставки.
Најголем раст на поплаките има заради рокот во кој компаниите ги обработуваат пријавените штети од осигуреници. За овие шест месеци има 23, а за истиот период лани имало само 4 такви претставки.
Бројот на осигуреници- физички лица кои поднеле претставки е зголемен за 58 отсто и изнесува 106.
Во овој период 22 правни лица поднеле претставки за услугите од нивните осигурители. Бројот на претставки поднесени од осигуреници – правни лица, годинава во однос на лани, е поголем за 47 отсто.