📽️ КАЗНЕТ ТУРСКИ МИНИСТЕР КОЈ СЕ СНИМАЛ ВОЗЕЈЌИ СО 224 КМ/ЧАС „Ја отворав новата делница и несвесно забрзав“
Седнав зад воланот за да го проверам автопатот Анкара-Нигде и за кратко, несвесно, ја пречекорив брзината. Почитувањето на ограничувањата е обврска за сите, напишал министерот откако бил казнет.
Турскиот министер за транспорт Абдулкадир Уралоглу сам се разоткри со објава на видео на кое вози 224 км/ч на автопат, по што веднаш бил казнет за пречекорување на брзината, јави T24.
Министерот го поставил видеото за да ја истакне новата делница од автопатот Анкара-Нигде, но снимката покажала дека возел значително над дозволените 140 км/ч. На социјалните мрежи корисници жестоко го нападнале за непочитување на законите.
„Зошто не ги почитувате ограничувањата на брзината, господине министер?“, праша еден од нив.
Друг додаде дека ова е земја каде „министерот не ги почитува ограничувањата, а граѓаните се казнуваат без проблем“.
По лавината критики, Уралоглу призна дека навистина бил регистриран од радар и дека добил казна.
„Седнав зад воланот за да го проверам автопатот Анкара-Нигде и за кратко, несвесно, ја пречекорив брзината. Почитувањето на ограничувањата е обврска за сите“, напишал министерот.