Казна за срамот на државата
Како и срамот, и моралот е нешто што се „учи“, прво во семејството, па во претшколската и школската возраст…, а се „применува“ понатаму низ животот. Ако моралот го немало таму каде што овие „елити“ растеле и „учеле“, не може кај нив да го има ни денес. Затоа ние, сега и овде, па и дваесетина години назад, не можеме да говориме за политички или каков и да е друг морал, за морално општество, за моралот како темелна социјална норма што го „раководи“ однесувањето на луѓето. Во македонското секојдневие зборовите срам и морал одамна го нема!
Да имаше казна затвор за изневерени очекувања, слепцине веќе во четвртокот утрото ќе беа прибрани и однесени таму кадешто треба. Да постоеше казна затвор за бесрамно лажење на народот, ќе им се случеше истото. Да постоеше соодветна казна за глупост, неукост и неспособност, одамна ќе беа во затвор.
Да имаше пропишана казна за нанесување срам на државата, претставниците на паднатава коалиција ќе добиеа долгогодишни робии.
За жал, Уставот и законите кај нас не предвидуваат такви казни. За среќа, ги „предвидува“ – народниот суд! И прогресивните слепци ги добија соодветните казни од него. Сега следуваат оние предвидени со законите, без оглед што овие мислат дека се осигурале со измените во Казнениот законик и со „недопирливоста“ како пратеници.
Ако пак новата власт мисли дека на овие им е доволна казната од народот, се лаже. Тогаш и нив, по четири години, ќе ги снајде истата казна. Или ако некој мисли: добро, беше што беше, да одиме напред – а ќе има (и) такви – повторно се лаже. Ние никогаш нема да одиме напред без владеење на правото, што пак во „обичниот“ живот значи дека секој мора да одговара за своите постапки. Особено за криминалните!
Зашто ароганцијата на слепциве се виде и на крајот на приказната: повторно лага до лага, па они – и оној Пинокио со нив – направиле ова, па направиле она, па мултикултура, па НАТО и евроитеграции… Празни фрази, лага до лага, бесрамно однесување… Тие не направија ама баш ништо. Нула, zero, nada…
Тоа што се случи на 8 мај беше – казна за нанесениот срам. И беше национален интерес. Криминалците мораа да си одат, по секоја цена. Но, национален интерес е криминалците да ги добијат и заслужените казни пропишани со закон! И токму тоа е тој национален интерес, а не Бугарите во Устав или сочувувањето на нивниот образ, што така често го верглаше оној Пинокио и останатите бандити од власта.
Неодамна, една од „интелектуалните“ перјаници на овој прогресивен криминоген оркестар, сакајќи нас неуките да нѐ подучи, порача: „Американците велат: ако си во дупка престани да копаш.“ Ама заборави дека токму неговиве газди, во нивната неукост, алчност и следење на диктатот на ЕУ и САД, беа тие кои продолжуваа да ја копаат оваа дупка свежо започната токму на почетокот на 2017-та година. Со сесрдната помош и на локалните клиентелистички перјаници. И на 8 мај таа провалија – ги голтна.
Ние, редно е да се каже, седум години бевме соочени со општествена гнилеж, со провинциска варијанта на Лакановите будали и никаквеци, кај нас овоплотени во апаши и лажговци и нивната клиентела којашто со тапаните маршираше по нив. Во своето подлизурство се обидоа дури да ни го поттурат и оној Пинокио како мерка за нормалност!
Но, она најважното што го покажа македонскиот гласач на овој 8 мај е фактот дека се срами од ваквите луѓе, од ваквите политички џуџиња без срам и морал, дека се срами да го претставуваат – дома и надвор – такви апаши и лажговци. Димензиите на тој народен срам се и димензиите на поразот и казната што ги снајде „прогресивциве“ на тој 8 мај.
Апропо срамот, во 2003 година, тројца кинески академици идентификувале 113 кинески термини за концептот на срамот, вели писателот и колумнист на „Форбс“ Гордон Чанг. И тоа никако не е случајно бидејќи концептот на срамот е централен во кинеската култура со илјадници години, влечејќи корени уште од учењето на Конфучие. Впрочем, и познатата изрека „Никогаш не им го прави на другите тоа што не сакаш тие да ти го прават тебе“ потекнува токму од него! Ама кога нашиве „прогресивни“ слепци би знаеле кој бил Конфучие, нели?!
Всушност, спомнатата изрека е она негово познато „Златно правило за моралноста“, поврзано со уште еден важен аспект на неговото учење – моралот. Впрочем Конфучие и Менг зе, во нивните дијалози, го потенцираат моралното значење на срамот во процесот на учењето и себеоблагородувањето. Што пак нѐ воведува во вториот битен аспект на актуелното македонско политикантство во заминување и состојбите во коишто го доведе ова општество: отсуството на срамот и моралот!
Како и срамот, и моралот е нешто што се „учи“, прво во семејството, па во претшколската и школската возраст…, а се „применува“ понатаму низ животот. Ако моралот го немало таму каде што овие „елити“ растеле и „учеле“, не може кај нив да го има ни денес. Затоа ние, сега и овде, па и дваесетина години назад, не можеме да говориме за политички или каков и да е друг морал, за морално општество, за моралот како темелна социјална норма што го „раководи“ однесувањето на луѓето. Во македонското секојдневие зборовите срам и морал одамна го нема!
Но затоа народниот срам и моралност го замени тоа што го немаше кај Заев, Шеќеринска, Ковачевски, Спасовски, Битиќи, Маричиќ, Лукаревска, Тренчовска, Митревски…, им покажа дека „библиските“ вредности се сѐ уште живи во оваа земја. Го покажувал тоа македонскиот граѓанин и порано, но сега со сета неопходна громогласност како јавно дистанцирање не само од таквите политички криминогени структури туку и од бесрамни и неморални поединци.
Затоа, за среќа, за македонското општество – барем сѐ уште – не важи тезата дека бесрамните политичари се де факто огледало на бесрамното општество, толку својствена за западните општества. Нашите (изнудувани) потенцијални идентификации со таквите општества и (не)морални вредности од страна на политичките врхушки беа отфрлени на овие избори, исто како и „тезите“ дека на политичарот му е дозволено да лаже, да краде, да биде неодговорен и неморален… Тоа покажува дека некои, во основа позитивни конзервативни традиции, и понатаму се цврсти во македонското општество, што никако не значи дека тоа е наклонето кон евроскептицизам и/или некакви „источни“ практики. Тоа го пропагира само онаа клиентела на паднатава власт, онаа „академска“ општествена гнилеж што континуирано се умилкува на локалната и меѓународната „политика“.
Обидот да се инсталира таков општествен „систем“ во изминативе години очигледно не наоѓа плодно тло. Главните протагонисти на тој обид беа дел од навивачките медиуми и локалната самопрогласена „интелигенција“ како абонент на политиките на власта. Тие требаа да ја минимизираат, а уште почесто да ја мимикризираат, сета бесрамност и неморал на водечките политичари. Нивното главно мото беше: она за што не говориме, не постои! За среќа, обидот беше неуспешен. Поточно, добро е да се знае дека казната, па нека е и задоцнета или „изборна“, сепак доаѓа. И не го исклучува и другиот вид казни.
Извор: Теодосиевски уметност