КАЗНА ОД 500 ДО 1.000 ЕВРА ЗА ПОРАНЕШНИОТ ДИРЕКТОР Докторот фатен со „бело“ доби санкција за извршување лекарска дејност без дозвола

Инспекторатот потврди дека д-р Кузмановски работел без лиценца неколку месеци пред да биде именуван за в.д. директор на Клиниката за неврологија.

302

Разрешениот директор на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски, ќе треба да плати парична казна во износ од 500 до 1.000 евра, бидејќи како здравствен работник работел без важечка лиценца за работа, соопшти Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).

Според Инспекторатот, против Кузмановски ќе биде издаден прекршочен платен налог врз основа на член 309 став 1 точка 1 од Законот за здравствената заштита, а санкции ќе следуваат и за правното лице – Клиниката за неврологија, како и за одговорното лице во правното лице, односно претходниот директор Фатмир Меџити, кој претходно беше и министер за здравство.






Од ДСЗИ појаснуваат дека Кузмановски бил именуван за в.д. директор на 7 август 2025 година, со решение на Министерството за здравство (бр. 11-8171/1). Врз основа на ова, Управниот одбор на клиниката донел решение за мирување на неговото работно место како специјалист-невролог и раководител на Оддел за развојна неврологија, почнувајќи од 8 август 2025 година.

Меѓутоа, од увидот во системот „Мој термин“, инспекторите утврдиле дека д-р Кузмановски извршувал здравствена дејност до 8 август 2025 година, иако неговата лиценца за работа истекла на 15 март 2025 година.

„Од тој датум до денот на неговото назначување за в.д. директор, проф. д-р Игор Кузмановски обавувал здравствена дејност без важечка лиценца“, се наведува во соопштението на ДСЗИ.

Инспекторатот дополнува дека по назначувањето на Кузмановски за в.д. директор, не се евидентирани здравствени услуги извршени од негова страна, што значи дека прекршокот се однесува на периодот пред 8 август 2025 година.

„Во согласност со законските прописи, за овој прекршок ќе биде издаден платен налог и за институцијата и за одговорното лице кое во тоа време ја водело клиниката“, стои во писмената реакција на ДСЗИ.

Поврзани содржини