КАЗНА НАМЕСТО РАЗРЕШУВАЊЕ 30% помала плата за Пајазити, Судскиот совет го поштеди за скандалот со Рамадани

Контроверзниот судија, кој му даде куќен притвор на Рамадани, што подоцна резултираше со негово бегство во Косово, доби една од најблагите можни казни, и покрај сериозноста на последиците од неговата одлука. Одлуката на Судскиот совет е донесена во петокот, на затворена седница, осум месеци по бегството на поранешниот припадник на УЧК.

2,481

Наместо разрешување или оддалечување од судската функција, Судскиот совет донесе одлука да го казни судијата Пајазит Пајазити со намалување на платата за 30 проценти во траење од шест месеци – одлука што предизвика жестоки реакции во јавноста, особено поради неговата улога во случајот со Блерим Рамадани, објави Алфа.

Контроверзниот судија, кој му даде куќен притвор на Рамадани, што подоцна резултираше со негово бегство во Косово, доби една од најблагите можни казни, и покрај сериозноста на последиците од неговата одлука. Одлуката на Судскиот совет е донесена во петокот, на затворена седница, осум месеци по бегството на поранешниот припадник на УЧК.






Иницијативата за дисциплинска постапка ја покрена претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, но мнозинството членови на Советот на последната седница се изјасниле само за парична санкција, без понатамошна одговорност за Пајазити.

Случајот Рамадани предизвика лавина реакции и огромен притисок од јавноста, која со месеци очекуваше Судскиот совет да утврди конкретна одговорност кај сите судии вклучени во процесот – од оние што одлучувале за притворот и екстрадицијата, до членовите на Кривичниот совет, чии одлуки, според неофицијални информации, биле однапред познати на обвинетиот.

Како судијата Пајазити му овозможи бегство на Рамадани

Рамадани, кој беше уапсен во Скопје по потерница од Србија, на 18 јули 2023 година се согласил пред судијата Пајазити да биде екстрадиран по скратена постапка и изјавил дека прифаќа да му се суди. Пајазити тогаш му одредил притвор.

Но само четири дена подоцна, на 22 јули, преку својот адвокат, Рамадани поднел жалба, тврдејќи дека не го разбрал преведувачот кога било зборувано за скратената постапка. Според Законот за меѓународна соработка, еднаш дадена изјава за скратена екстрадиција е неотповиклива и не може да биде повлечена.

Сепак, судијата Пајазити го прифатил „премислувањето“ на Рамадани, и без нови околности, му го заменил затворскиот притвор со куќен – и тоа кај роднини. Ваквата одлука, и покрај очигледната опасност од бегство, доведе до тоа Рамадани да ја напушти земјата и да избега во Косово. Српските власти, кои го бараат Рамадани преку Интерпол, побараа официјално објаснување од македонските институции за оваа неразјаснета ситуација.

И други спорни одлуки на последната седница

На истата седница на Судскиот совет биле донесени и други контроверзни одлуки. Две судијки од Апелациониот суд во Скопје – Наташа Савовска Димитровска и Роза Георгиева – биле разрешени од функцијата поради спорна пресуда во случајот со Македонски Телеком, во кој оваа компанија беше задолжена да исплати 4 милиони евра на фирмата „Фокуснет“ од Штип.

Третата судијка од составот што ја носеше одлуката – Јетмире Ајдини Бошњаку – била казнета само со парична казна. Според информациите, Македонски Телеком поднел претставка до Судскиот совет, тврдејќи дека одлуката била донесена незаконски, и дека постојат сомнежи за можна поврзаност меѓу членовите на судечкиот совет и фирмата „Фокуснет“.

Овој случај веќе е отворен и во Јавното обвинителство, каде се истражуваат евентуални злоупотреби и влијанија.

Поврзани содржини