КАВАДАРЦИ СЕ СОБИРА ЗА БАДНИК Бесплатен заеднички ручек на градскиот плоштад
На 6 јануари, на градскиот плоштад во Кавадарци, по петти пат ќе се одржи Заеднички Бадников ручек, во организација на Општина Кавадарци и општествено одговорни компании.
Кавадарци и оваа година ќе го дочека Бадник во духот на заедништвото и солидарноста. Градоначалникот Митко Јанчев информираше дека по петти пат ќе се одржи традиционалниот Заеднички Бадников ручек, настан кој веќе прерасна во препознатлив симбол на празнична хуманост во градот.
Ручекот ќе се одржи на 6 јануари (вторник), со почеток во 11:00 часот, на Градскиот плоштад во Кавадарци, каде што сите граѓани ќе можат да споделат топол оброк и празнична атмосфера, без разлика на возраст или социјален статус.
– Најубавите празници се оние што се споделуваа – порача градоначалникот Јанчев, потенцирајќи дека идејата на настанот е Бадник да се дочека заедно – со трпеза, дружење и искрени насмевки.
Заедничкиот Бадников ручек е во организација на Општина Кавадарци, во соработка со општествено одговорни компании, кои и оваа година дадоа поддршка за реализација на настанот. За подготовка на храната ќе се погрижи шеф Горан Филипов, заедно со тим од реномирани професионални готвачи од Македонија.
Од општината упатуваат отворена покана до сите граѓани да присуствуваат и заедно да го одбележат Бадник, испраќајќи јасна порака дека Кавадарци обединува со хуманост, традиција и човечност.