Катица Јанева: Ако надоместоците се незаконски, одговорни се и четворица министри, УЈП и Собранието

784

Поранешната специјална обвинителка Катица Jaнева наводите на државните ревизори ги оценува како тенденциозни и продолжение на хајката против неа и дека тие праќаат порака повеќе „никој и никогаш во оваа земја да не се занимава со гонење на високата корупција“ на  начин како што таа тоа го правела.

Забелешките на Јанева, доставени во писмена форма кон крајот на јуни, по неуспешниот обид да биде сослушана во Државниот завод за ревизија, се објавени во рамки на извештајот на ДЗР, каде се наведува дека нејзините забелешки не се прифатени.






Според Државниот завод за ревизија, како што објавивме претходно, исплатата на плати и додатоците во СЈО биле согласни на законската регулатива, но дека посебните додатоци за доверливост не биле во согласност со законите.

Според Јанева ,неуспехот на Обвинителството за гонење на организиран криминал да докаже нејзина наводна вина во случајот „Рекет“, за кој нема правосилна пресуда, резултира со вакво постапување на државната ревизија во обид да биде дискредитирана.

Јанева прашува дали ако ревизорите сметаат дека посебните надоместоци се незаконски, дека тогаш одговорност треба да сносат и двата состава на владите, како и четворицата министри за финансии кои биле на таа функција во време на работењето на СЈО, а кои ги одобрувале, како финансиското работење, така и исплата на платите и останатите надоместоци и тоа без никакви забелешки.

Таа потсетува дека и пред Советот на јавни обвинители редовно ги доставувала извештаите за работењето на ова обвинителство, кои ги содржеле и податоците за финансиското работење. Овие извештаи биле прифаќани од Советот. И до Собранието на Македонија биле доставувани извештаите, но Јанева наведува дека и други државни органи биле запознати со начинот на исплатата на платите и сите надоместоци, со акцент на Управата за јавни приходи до која  биле доставувани годишните даночни пријави на вработените.

 

 

Поврзани содржини