КАТАСТРОФА ВО СЛОВАЧКА, ПОВЕЌЕ ОД 100 ПОВРЕДЕНИ ВО СУДИР НА ДВА ВОЗА Се испитува дали причината е човечка грешка

Несреќата се случила на место каде што се вкрстуваат две железнички пруги, а силата на ударот била толку голема што неколку вагони излетале од шините — еден од нив останал да виси над длабок ров.

216

Најмалку 100 лица се повредени во судир на два воза што се случи денеска околу 10 часот во близина на селото Јаблонов, општина Турња, во источна Словачка, јавуваат локалните медиуми. Несреќата се случила на место каде што се вкрстуваат две железнички пруги, а силата на ударот била толку голема што неколку вагони излетале од шините — еден од нив останал да виси над длабок ров.

Портпаролот на словачката железничка компанија, Јан Бачек, изјави дека причината за судирот сè уште се истражува и дека моментално приоритет е спасувањето и евакуацијата на патниците. „Главно е да ги извлечеме сите безбедно“, рече Бачек. На местото на настанот се испратени пет амбулантни возила и спасувачки хеликоптер, а полицијата потврди дека евакуацијата на повредените е во тек.






Според првичните информации од словачкиот министер за внатрешни работи Матуш Шутaj Ешток, можно е човечка грешка да ја предизвикала несреќата. Еден од возовите наводно не застанал каде што требало, а судирот се случил токму на дел од пругата каде што двата колосеци се спојуваат во еден. Засега нема официјална потврда, бидејќи истрагата е во тек.

Обезбедувањето на местото на несреќата е засилено, а полицијата ја координира работата на спасувачките екипи и го регулира движењето на патниците во околината. Властите најавија дека техничките тимови ќе почнат со детална анализа веднаш штом сите повредени бидат згрижени.

Европската комисија изрази солидарност со словачкиот народ. „Нашите мисли се со сите повредени, нивните најблиски и со оние кои работат на расчистување на местото на настанот“, изјави портпаролката Паула Пињо, додавајќи дека Унијата се надева на брзо закрепнување на сите повредени.

Поврзани содржини