КАТАСТРОФА ВО МЕКСИКО, 47 МРТВИ И 38 ИСЧЕЗНАТИ Поплави и свлечишта однесоа десетици животи, градови под вода
Поплави и свлечишта го пустошат Мексико – 47 жртви, десетици исчезнати, илјадници раселени, а претседателката се соочи со протести во најпогодените региони.
Најмалку 47 лица го загубија животот, а уште 38 се водат како исчезнати во катастрофални поплави и одрони предизвикани од обилни дождови кои зафатија повеќе делови на Мексико, соопштија властите.
Според информациите, околу 260 населени места, главно во планинските подрачја, се целосно отсечени од надворешниот свет, додека десетици илјади домови се поплавени и исполнети со кал и наноси.
Мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум денеска пристигна во поплавениот град Поза Рика во источната сојузна држава Веракруз, каде беше пречекана со незадоволство и протести. Граѓаните бараа побрза и поефикасна интервенција од државата.
– Знаеме дека постои очај и загриженост. Ќе се погрижиме за сите – изјави Шеинбаум во видео обраќање до јавноста, ветувајќи дека спасувачките тимови ќе останат на терен сè додека не се помогне на секое семејство.
Ситуацијата дополнително се влошува поради оштетени патишта и мостови, како и поради прекини во снабдувањето со електрична енергија во бројни села и градови. Урнати бандери и свлечишта го отежнуваат пристапот до најпогодените подрачја.
Метеоролозите предупредуваат дека врнежите ќе продолжат и во наредните денови, што го зголемува ризикот од нови поплави и одрони на земјиштето.
Најпогодени се источните и централните држави Веракруз, Идалго, Пуебла, Кверетаро и Сан Луис Потоси, при што најмногу жртви се регистрирани токму во Веракруз и Идалго.
Мексико моментално се наоѓа при крајот на сезоната на дождови, која традиционално трае околу шест месеци и завршува во почетокот на ноември. Властите наведуваат дека обилните врнежи се последица на тропските циклони Присила и Рејмонд во Пацификот и на нестабилните атмосферски појави во Мексиканскиот Залив.
Како последица на поплавите, во државата Пуебла се случи и необична трагедија – бенгалски тигар успеал да избега од локална зоолошка градина, но подоцна бил пронајден мртов под наноси од кал и остатоци, потврди агенцијата за заштита на животната средина Профепа.
Властите најавија дека спасувачките операции ќе продолжат и во текот на викендот, додека се очекува и меѓународна помош од повеќе соседни земји.