Кастриотизмот кастриран, вознемирувачки слики од теренот!

Брисел ја казни владата во Скопје. Заев се евакуира од премиерската фотелја. Заевата пропаганда зборува за шупчење и за убивање на Македонците. Каков мизерен крај на една голема лага! Како понатаму?

14,969

Тоа е сè, народе!

На темата – датумот.

Дојде крајот на лагите и на манипулациите на владата на Зоран Заев и на нејзината пропаганда. Сега и официјално. Со мур од Брисел.

Македонија не доби датум за почеток на преговорите со Европската Унија. Мислам, не добивме сега. Добивме порано, двапати или трипати, ако ви текнува…

Македонија сега не доби ни било какво сериозно охрабрување. Не доби буквално ништо. Што е крајно невообичаено. Пораката од Брисел овој пат не е ни утеха, туку штура објава на казната.

Да, владата на Зоран Заев е брутално казнета. Заслужено. Така е кога не се работи сериозно, кога надворешната политика се тера како и домашната – со магии и со трикови.

Заев за десет дена ќе ја активира премиерската оставка. Така рекол. Овој пат нема да одрече. Чекаше, се изначека во скутот на ДУИ, а сега мора да се евакуира. Е Зоки, Зоки…

Ова е голем пораз и за македонската дипломатија. Голем неуспех на министерот за надворешни работи Бујар Османи, но и на специјалниот пратеник Владо Бучковски.

Да сум на нивно место, воопшто не би премислувал – сега е вистинското време за достоинствено повлекување. За оставки. Неотповикливи, а не хибридни.

Ако не, утре секако ќе бидат сменети. Добро, за Османи решава Ахмети, може тој и да преживее на апарати во следните шест месеци, ако тоа се есапи за живот. Ама на Бучковски му нема спас, паѓа шефот, мора да падне и неговиот пратеник.

Се надевам дека обајцата ја знаат старата мудрост, која вели – кога на борделот не му оди бизнисот, не се менуваат чаршафите, туку сексуалните работнички и работници.

Ако сака напредок и успех, новиот лидер на СДСМ и иден премиер, Димитар Ковачевски, мора да оформи нов преговарачки тим. Овој сегашниов е потрошен, искомпромитиран и заглавен во безидејност. Дури мислам дека и Брисел и Софија би сакале да видат нови лица од македонска страна во преговарачкиот процес.

Ама да има и патриоти, а не само кастриоти.

Зашто, гледаат и странциве како е кастриран сега кастриотизмот и во јазикот на Заевата пропагандата. Сликите од теренот се вознемирувачки. Сведочиме за најексплицитен и жесток говор на омраза кон Европа и кон Бугарија.

Па каже… Европејците се шупци! Европа и Бугарија се обидуваат да утепаат цел еден народ!

Ве молам, каква е оваа реторика? Проевропска? Прогресивна? Кои се тие „небањати вмровци“ што пишуваат вакви глупости? Е не биле вмровци, види чудо, ова се зборови на Орданоски и на Тричкоски, првите негувани пера на провладината пропаганда.

Патем речено, кај Орданоски човек и може да детектира некаква конзистенција во тезите и да го чита дури и со емпатија. Но, што да се каже за Тричко? После десетици колумни и стотици постови во кои нè убедуваше дека Македонија само преку сопствената смрт ќе се преобмислела и ќе се европеизирала, „принцот на метафората“ сега грубо и семантички неутрално тврди дека Европа и Бугарија сакале да ги убијат Македонците. Обвинува за геноцид. И за културоцид. И за тричкоцид…

Пропадна кастриотизмот и во јавниот дискурс, другарки и другарчиња!

Нејсе. Како понатаму сега?

Кажав веќе, ќе повторам сосема накратко.

Процесот треба да премине од фазата на (неуспешни) преговори за најчувствителните прашања во фазата на фацилитација и идентификација на интересите на двете страни. Говорам стручно, на шарени сељаци и простаци не мора да им објаснувам ништо, ионака не вреди. За преговарање се потребни и познавање на темата, но и вештина и техника, а најмногу од сè – отворен ум.

Имаме сега нова иницијатива од владата во Софија, која треба да се прифати. Но, само со нов пристап од наша страна, без капитуланство и тргување со она со што никој не смее да тргува, а пак со нови идеи, со нова енергија и со нов преговарачки тим.

Јас велам да брзаме, ама полека. Шест месеци ќе поминат ко шест минути. Искрено, не верувам дека после тие шест месеци ќе имаме решение спремно за потпис. Но, со малку акал во главите, можеме да имаме сериозно подобрување на односите меѓу двете земји и добар напредок во разговорите.

Зашто, да сме јасни – без оглед колку долго и колку мачно ќе преговараме, најважната работа не е да се пречекори некоја пречка што ни ја поставиле бриселските бирократи. Најважно е ние со Бугарите да негуваме пријателство и добрососедство. Дури и при нерешен спор.

Знам дека тоа не е лесно. Особено не сега, после вакво фијаско. Но, сепак ќе мора да се потрудиме. И ние, ама многу повеќе и нашите пријатели во Софија. Можеме ние да се караме за заедничкото минато, но не смееме и за заедничката иднина – на крајот, на овој или на оној начин, ние веќе сме и уште повеќе ќе бидеме дел од заедничкото европско семејство.

Затоа, кастриотски е да се лажеме како прекупци на кванташки, а патриотски и чесно е да се ракуваме пред новата битка.

Поврзани содржини