КАСНИ РИПЧЕ, ФАТИ КОРОНЧЕ Молете ги светците за здравје, оти властите кренаа раце
Нема како да го решиме проблемот со групирање луѓе на трпеза за време на куќни слави во затворен простор. Ќе оди инспекција од куќа во куќа и ќе ги брои гостите? Едноставно, сè е оставено на совеста на граѓаните, објаснува епидемиологот д-р Александар Стојанов.
Бројката од 550 новозаразени со ковид-19 од вкупно 3.029 тестирани луѓе во изминатото деноноќие, како и високиот процент на заразени во однос на тестирани во изминатава недела, како воопшто да не ги загрижува здравствените власти во земјава, кои, и покрај низата алармантни предупредувања што секојдневно ги воочуваме во дневните извештаи, не прикажуваат иницијатива за изнаоѓање начин како да се спречи големиот корона-бран што ни се заканува.
Многу развиени земји во Европа уште одамна го вклучија црвеното копче поради високиот процент на заразени и починати од коронавирусот, а прилично лоша е состојбата и во соседните земји кои воопшто не кријат дека на нивниот здравствен систем му се заканува колапс.
Епидемиолозите уште на почетокот на есента предупредуваа дека состојбата со коронавирусот драстично ќе се влошува во идните месеци, особено кога луѓето ќе почнат да се групираат во затворен простор поради студеното време, но и поради куќните слави на коишто покрај риба и гравче, ќе се служи и корона. Но, освен олабавување на дел од мерките за заштита од ширење на ковид-19, нови рестрикции засега не се најавени.
Од Министерството за здравство велат дека не е забележано рапидно зголемување на новозаразени на позитивни од тестирани на ковид-19.
„Од регистрираните нови позитивни случаи од 32 града во државата, забележано е зголемување од 3,7 отсто во однос на претходната седмица“, велат од МЗ.
Мерки има, свест нема
Епидемиологот Александар Стојанов и поранешен член на Комисијата за заразни болести, во изјава за Плусинфо вели дека сега сè е оставено на совеста на луѓето и дека народот конечно треба да сфати дека не можеме да победиме во војната против невидливиот непријател само со мерки и со присила.
Треба луѓето сами да сфатат дека не може да се победи во војната само со мерки и со присила.
– Постоечките мерки, односно задолжително носење заштитни маски во затворен простор и приложувањето ковид-сертификат за влез во трговски центри, се сосема доволни во мометнов, но не е доволен процентот на вакцинирани граѓани против ковид-19. Проблем е тоа што младите луѓе не се вакцинираат, а тие најмногу се движат од едно место на друго и најмногу се дружат. Исто така, голем удар беше нанесен во предизборието и во постизборието за локалните избори, бидејќи на митинзите гледавме стотици луѓе без заштитни маски, како се гушкаат и како се бакнуваат. Сето тоа си носи последици и тој момент допрва ќе ни се удри од глава – објаснува д-р Стојанов.
Во поглед на куќните слави кои следуваат во идниот период, а на кои луѓето ќе се групираат и ќе седат на иста маса во затворен простор, Стојанов вели дека не постои начин да се укине традицијата, освен да се едуцираат граѓаните дека тоа што го прават може да им наштети.
– Нема како да го решиме проблемот со групирање луѓе на трпеза за време на куќни слави во затворен простор. Ќе оди инспекција од куќа во куќа и ќе ги брои гостите? Едноставно, сè е оставено на совеста на луѓето. Сега мене некој да ме викне на свадба, јас не би одел. Би му честитал по телефон, ќе му го испратам подарокот и ќе ја прескокнам веселбата. Истото важи и за Задушница. Зошто морам во сабота да појдам на гробишта и да се мешам со толку многу народ? Ќе си појдам во понеделник, ќе однесам цвеќе на гробот и ќе запалам свеќа. Треба луѓето сами да сфатат дека не може да се победи во војната само со мерки и со присила – вели д-р Стојанов.
Тој ја коментираше и епидемиолошката состојба во земјите од соседството и во Европа.
– Во Германија, на пример, опфатот на вакцинација е над 80 проценти, но и таму сè уште има антиваксери. Во Словенија вчера беа регистрирани околу 4.500 новозаразени, Тоа значи дека и таму не се почитуваат мерките, а Словенците ги сметаме за покултурен народ од нас. Во Хрватска, која вкупно има околу 4 милиони жители, секојдневно бележи околу 4.500 новозаразени. Значи, сè е до луѓето. Единствено, само Косово во моментов најдобро се држи со пандемијата, бидејќи дневно таму има само 20 до 30 новозаразени и нема починати. Но, тоа не значи дека здравствениот систем на Косово е подобар од здравствениот систем на Словенија – вели епидемиологот.
Каква е состојбата во соседството?
Србија ги заостри ковид мерките поради високиот број новозаразени со коронавирусот. Досега, ковид-потврди се бараа само по 22 часот, а сега тоа ќе важи од 20 часот. Работното време на угостителските објекти сега се скратува и тие ќе можат да работат до полноќ.
На седницата на Кризниот штаб беше усвоен предлогот на Училишниот тим со кој се предвидува основците и средношколците од Србија да не одат на училиште од понеделник, 8 ноември до петок, 12 ноември, соопшти Министерството за образование.
Во Србија досега над 10.000 луѓе починаа од коронавирусот. Дневно има по 5.000 до 7.000 заразени со вирусот.
Лоша е состојбата и кај нашиот јужен сосед, а вчера беше регистриран нов негативен рекорд со забележани 6.808 новозаразени со ковид-19, а починаа 42 лица.
Професорката и член на Комисијата на епидемиолози, Вана Папаевангелу, истакна дека во изминатите 15 дена бројот на новите случаи се зголемил за 60 отсто, минатата седмица имало во просек по 4.621 случај дневно, за што потенцираше дека е рекордна бројка, а речиси двојно зголемен е и процентот на позитивни случаи во однос на направени тестови, од 1,09 на 1,96 отсто.

Состојбата со коронавирусот се влошува и во Бугарија, а стапката на инфекција е поголема од 500 на 100.000 луѓе. Монтана има највисока стапка од 1.425 случаи на 100.000 луѓе, а главниот град Софија е на второ место.
Професорката Мира Кожухарова, советник на министерот за здравство, предупреди дека постои опасност за здравствениот систем во Бугарија
– Сѐ уште се прифатливи шест до осум илјади зафатени болнички кревети, под услов да не станува збор за интензивна нега. Во текот на претходниот бран имавме моменти кога имавме околу 10.000 зафатени кревети. Здравствениот систем веројатно нема да може да го издржи ова, пред сè затоа што немаме доволно кадар – изјави Кожухарова за медиумите.
Европа на колена во февруари?
Со нови 500.000 починати од коронавирус може да се соочи Европа до следниот февруари, ако земјите не го зголемат процентот на вакцинирани и ако продолжат да ги олабавуваат ковид-мерките, предупредува Светската здравствена организација. Доаѓа нов зимски бран, мутацијата делта-плус, а бројот на новозаразени на континентот бележи рекорден пораст од над 55 отсто, што е „предупредувачки удар за светот“, пишува Би-Би-Си.
Германија денеска забележа повеќе од 37.000 случаи на коронавирус, што е рекордно високо ниво втор ден по ред. Вирусот сега се јавува многу почесто на 100.000 луѓе споредено со април, со индекс 169,9, но тоа сè уште е многу под нивото во Велика Британија, која е во сериозна ковид-криза.

Најдраматичен пораст на смртните случаи има во Русија, каде што се регистрирани повеќе од 8.100 смртни случаи, како и во Украина каде имаше 3.800 смртни случаи. И двете земји имаат многу ниски стапки на вакцинација, а Украина објави рекордни 27.377 нови случаи во изминатото деноноќие.
Романија го забележа својот најголем број смртни случаи оваа недела со 591 починат, додека во Унгарија, дневните инфекции со ковид се зголемија повеќе од двојно во изминатата недела на 6.268 новозаразени. Таму носењето маска е задолжително само во јавниот превоз и во болниците.
Хрватска во четвртокот забележа 6.310 нови случаи, што е нејзин најголем број досега. Словачка го пријави својот втор најголем број случаи, а чешките инфекции се вратија на нивото последно забележано во пролетта.
Италија има една од највисоките стапки на вакцинација за постари од 12 години, но дури и овде новите случаи се зголемени за 16,6 отсто во изминатата недела.