КАСАМИ ЌЕ СЕ КАНДИДИРА ЗА НОВ МАНДАТ ВО ТЕТОВО За Желино ќе се кандидира Блерим Сејдиу
Имаме начелен договор со ВМРО-ДПМНЕ дека ќе се поддржиме во општините во кои би можеле да си помогнеме меѓусебно, рече Ибрахими, но не откри кои би биле тие општини.
Актуелниот градоначалник Биљал Касами повторно ќе се кандидира за Општина Тетово на локалните избори кои треба да се одржат во октомври годинава, соопшти на денешната прес-конференција Зеќирија Ибрахими, претседател на Алтернатива.
– „Вреди“ досега има објавено кандидатури за градоначалници со кои ќе учествува на локалните избори. Ние го поддржуваме независниот кандидат за Струга, Менди Ќира. Веќе е јасно дека „Вреди“ во Тетово ќе оди со Биљал Касами, во Желино со Блерим Сејдиу. За другите кандидати уште разговараме – рече Ибрахими.
Тој нагласи дека до крајот на месецов се очекува да ги објават имињата на повеќето кандидати за градоначалници.
Во однос на соработката со ВМРО-ДПМНЕ, Ибрахими потенцира дека имаат начелен договор да се поддржуваат во општините во кои меѓусебно би можеле да си помогнат.
– И досега постоела една практика владините партнери да се поддржуваат меѓусебно за локалните избори. Таквото правило ќе важи и за овие избори и ние имаме начелен договор со ВМРО-ДПМНЕ дека ќе се поддржиме во општините во кои би можеле да си помогнеме меѓусебно. За конкретни општини или конкретни имиња, или за конкретни советнички листи, допрва ќе седнеме и ќе зборуваме – рече Ибрахими.