„КАРТЕЛОТ МИСЛЕШЕ ДЕКА СУМ ДИЛЕР“ Чарли Шин призна дека останал без дрога по наредба на мексиканската мафија
Чарли Шин во шокантно интервју откри дека мексиканскиот картел престанал да го снабдува со дрога, мислеле дека препродава. Актерот призна и дека за една ноќ консумирал седум грама крек кокаин.
Некогаш најплатениот актер на американската телевизија, Чарли Шин (60), повторно ја шокира јавноста. Во интервју за австралиската емисија „60 минути“, тој откри детали од своето минато кои звучат како сцени од криминален филм – мексиканскиот нарко картел одлучил да прекине да го снабдува со дрога.
– Никогаш не виделе некој да зема толку многу. Помислија дека препродавам на страна, па едноставно ме исклучија – призна Шин, оставајќи ја новинарката Амелија Адамс без зборови.
Седум грама за една ноќ
Актерот се осврна и на гласините дека во една ноќ консумирал неверојатни седум грама крек кокаин.
– Не го измеривме точно, но толку беше подготвено. Во еден момент реков: „Ќе ни треба поголемо луле“. Денес ми изгледа апсурдно, но тогаш тоа беше мојата реалност. Искрено, имав среќа што останав жив – рече тој.
Од врвот до падот
Чарли Шин беше најголема ѕвезда на ситкомот „Два и пол мажи“, каде заработуваше 1,8 милиони долари по епизода. Но, по низа скандали, разводи и јавни конфликти со продуцентот Чак Лори, во 2011 година беше отпуштен од серијата.
– Беше премногу, развод по развод, борба со зависноста, а истовремено обид да бидам татко на моите деца. Не знаев како да се справам со сè – изјави актерот, кој денес отворено признава дека жали за направените грешки.
Денес, со автобиографијата „Книгата за Шин“ и документарецот на Нетфликс, актерот се обидува да ја раскаже својата вистина и да ја остави зад себе темната фаза во животот.