КАРПОШ ЌЕ ДОБИЕ НОВА ЕРА НА КУЛТУРЕН И ТУРИСТИЧКИ РАЗВОЈ Лукровски најавува сцена што ќе трае 365 дена во годината
Клучна улога ќе имаат јавните простори: кејот на Вардар, маалските центри и постојните културни објекти кои ќе се претворат во вистински сцени за културен и спортски живот.
Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош, Сотир Лукровски, оствари средба со министерот за култура Зоран Љутков, при што двајцата разговараа за иднината на културниот и туристичкиот развој на општината.
Лукровски ја нагласи својата посветеност дека културата и туризмот ќе бидат столбови на неговата програма и дека Карпош конечно ќе го добие местото што го заслужува – како општина која живее и твори преку целата година.
– Карпош има богат потенцијал, но години наназад културата беше ограничена само на неколку настани. Време е да изградиме сцена што ќе трае 365 дена – театар, музика, филм и спорт во служба на граѓаните – истакна Лукровски.
Тој ја потенцираше важноста на соработката со Министерството за култура и туризам и најави дека заедничките проекти ќе обезбедат долгорочна поддршка за локалните уметници и креативци.
Клучна улога ќе имаат јавните простори: кејот на Вардар, маалските центри и постојните културни објекти кои ќе се претворат во вистински сцени за културен и спортски живот.
– Нашата визија е секој дел од Карпош да има свој културен пулс, каде младите, семејствата и уметниците ќе најдат простор за израз и забава – рече тој.
Во туристички контекст, кандидатот ја истакна стратешката важност на археолошките локалитети Скупи и Аквадуктот.
– Овие простори се непроценливо богатство, а со новите истражувања и уредувања ќе станат центри на културен туризам што ќе ја отвори општината кон посетители од целата држава и странство – додаде Лукровски.
Тој ја нагласи и подготовката за 2028 година, кога Скопје ќе биде Европска престолнина на културата.
– Карпош мора да биде во првиот ред на оваа европска приказна. Ќе вложиме во нови манифестации, фасадна уметност, концерти и фестивали, за општината да блесне пред Европа – вети кандидатот.
Лукровски ја изрази и својата подготвеност за практични решенија во урбаната опрема, спортските терени и сврталишта за младите: редовно одржување на игралиштата, обновување на урбаната опрема, заштита на јавните простори и создавање услови за младите да останат во општината.
– Ќе изградиме систем кој не само што ќе создава нови културни содржини, туку и ќе ги зачува постојните. Карпош ќе стане симбол на уреденост, иновација и културен развој – нагласи тој.
Со оваа визија, Лукровски ја потврди определбата дека неговата иднина како градоначалник ќе биде насочена кон граѓаните, со култура и туризам како двигатели на економскиот, општествениот и духовниот напредок.
– Карпош го заслужува најдоброто. Заедно со министерот Љутков и со секој граѓанин, ќе изградиме општина која ќе биде пример за тоа како културата и туризмот можат да ја променат секојдневието – заврши Лукровски.
View this post on Instagram