КАРПАЛАК Е РАНА, НО И АМАНЕТ Свежо цвеќе и почести за војниците убиени во заседа
Животот го загубија десет резервисти на Армијата: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.
Во чест на десетмината армиски припадници кои ги положија своите животи за татковината, делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата предводена од државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова и директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, положија венец со свежо цвеќе на спомен – плочата кај месноста Карпалак.
„Слава за хероите од Карпалак. Нивното дело и пожртвуваност се памети, нивната храброст и одлучност се почитува. Нека нивната жртва биде аманет за идните генерации, дека слободата, мирот и достоинството се свети. Карпалак го паметиме како наша обврска, да изградиме држава во која нема да има место за омраза, за поделби, за неправди, и каде слободата на нашата татковина е неприкосновена. Македонија никогаш нема да ве заборави! Карпалак е рана, но и аманет“, напиша на Фејсбук премиерот Христијан Мицкоски по повод годишнината од загинувањето на македонските бранители кај Карпалак во конфликот од 2001 година.
На 8 август во 2001 година кај месноста Карпалак, на патот Скопје – Тетово, армискиот конвој беше нападнат од заседа. Животот го загубија десет резервисти на Армијата: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски на Фејсбук напиша:
„Нивната борба не беше само во името на денешниот ден, туку за иднината на сите нас. За слободата која ја живееме, за Македонија каква што ја сакаме и каква што ќе продолжи да биде, благодарение на нивната жртва. Да не се заборави, не само на деновите кога се бореле, туку и на вредностите што ги оставија зад себе: храброст и одлучност да се зачува Македонија. Нивната храброст и саможртва нема да бидат заборавени, ќе живеат во нашите срца засекогаш. Нека им е вечна слава.“