Дали по поплавата на КАРИЛ е направено испитување на електричната инсталација ако се има предвид дека од нејзината исправност зависат апарати и инструменти кои имаат животовитално значење за пациентите, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
– Поплавата во КАРИЛ не се чисти само со џогер, дали се направени микробиолошки брисови поради опасност од инфекции – праша на прес-конференција пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, откако беше објавено дека по поплавата што ја зафати Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, таа повторно работи.
Пратеничката вели дека КАРИЛ не е обична гаража или подрум од којшто треба да се испумпа само водата и да се зачисти со џогер.
– Доколку Клиниката била поплавена од излевање на атмосферска канализација или други води до степен да препраќа пациенти, тогаш овде се работи за многу сериозен и темелен процес на враќање во функција. Не смее брзоплетоста на надлежните да чини животи. Оваа Клиника е мошне сериозен и чувствителен дел од здравствениот систем и терцијарното здравство и не смее да се дозволи на каков било начин да се случуваат интерхоспитални инфекции. Што е преземено за санирање на поплавите во КАРИЛ? Дали се направени микробиолошки брисови од страна на Центарот за јавно здравје? – рече Стојаноска.
Таа праша и дали Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат се вклучени и запознаени со активностите за враќање на Клиниката во функција.
За време на невремето на 30 август Клиниката се затвори и пациенти се препраќаа во останатите болници во Скопје и во државата. Ден по поплавата, оттаму изјавија дека КАРИЛ функционира нормално, но со намален капацитет.
Директорот на Клиниката за трауматологија и на Ургентниот центар, Александар Стојкоски, тврди дека КАРИЛ е делумно во функција бидејќи имало само протекување на вода, а не поплава.
Завчера Министерството за здравство информираше дека поради технички проблеми на одделението за интензивна нега ТОАРИЛУЦ КАРИЛ, сите пациенти на кои им е потребна интензивна нега и лекување ќе бидат упатени во јавните здравствени установи, до отстранување на дефектот. Пациенти од Скопје во болниците „8 Септември“ и „Свети Наум Охридски“, пациенти од Источна Македонија во болницата во Штип, од Централна Македонија во Битола, а од западна во Тетово.