„КАРЦИНОМ НА ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ Е БИЗНИСОТ“ Мизрахи тврди дека профитите биле поважни од животот на пациентите
Како дополнителни проблеми пратеничката ги наведе недостигот на пропишани протоколи, извршување на вонреден надзор и други увиди. Мизрахи ја лоцира политичката одговорност кај поранешниот министер за здравство Венко Филипче и кај претходните директори на Клиниката.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, на панел-дискусијата „Моќта на лековите, живот или профит“ изјави дека никогаш не била формирана стручна комисија за утврдување на потребите на пациентите за медикаменти на Клиниката за онкологија. Според неа, одлуките се носеле на други места, а не врз основа на реалните потреби.
– Имало профити кои биле поважни од животот и здравјето на граѓаните. Системот функционирал во безредие, што довело до хаос и колапс. Веруваме дека овој колапс не е само на Клиниката за онкологија, туку на целиот здравствен систем. Бизнисот бил карциномот на македонскиот здравствен систем – изјави Мизрахи.
Таа обвини дека недостасувале редовни шестмесечни извештаи, а долговите на Клиниката достигнале 12 милиони евра. Како дополнителни проблеми ги наведе недостигот на пропишани протоколи, извршување на вонреден надзор и други увиди. Мизрахи ја лоцира политичката одговорност кај поранешниот министер за здравство Венко Филипче и кај претходните директори на Клиниката.
СДСМ, пак, возврати со обвинувања за „политичка злоупотреба“ и побара оставка од Мизрахи. Дополнително, тие ја обвинија актуелната власт дека пациентите на Онкологија се оставени без лекови и терапија, барајќи оставки од директорот на Клиниката Игор Стојковски, директорот на ФЗО Сашо Клековски и министерот за здравство Арбен Таравари.
Директорот на ФЗО, Клековски, изјави дека нема да поднесе оставка и нагласи дека во последните шест месеци Фондот обезбедил пет милиони евра за санирање на финансиската состојба на Клиниката, која ја наследил со долг од 12 милиони евра.
Во меѓувреме, 60 пациенти чекаат на биолошка терапија, а Клиниката предупредува дека персоналот е преоптоварен. Надлежните уверуваат дека проблемот ќе биде надминат во наредните денови, но потенцираат дека е потребно создавање регистар на болни за поефикасно планирање на набавките.