КАРАМБОЛИ НА МРАЗ НА ПАТОТ ГОСТИВАР-ТЕТОВО Во еден верижен судир учествуваа дури 10 возила
Во Тетово беше активиран Кризниот штаб и извршено е посолување на повеќе локални патишта, велат од ЦУК.
За кратко време во Полошкиот Регион вчера во попладневните и вечерните часови се случија 19 сообраќајни незгоди, од кои една верижна со учество на 10 возила, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Две сообраќајни незгоди се случија на автопатот Тетово-Гостивар, од кои една верижна со учество на 10 возила, една на локалниот пат Пирок-Боговиње и една на патот Тетово-село Требош. Регистрирана е уште една сообраќајна незгода, но за неа не било побарано да се изврши увид“, соопшти ЦУК.
Од ПС Гостивар се пријавени 15 сообраќајни незгоди, од кои на 10 бил извршен увид од страна на увидна екипа, додека за пет не е побаран увид поради договор помеѓу оштетените страни. Примени се и бројни пријави од жители од Тетово, Гостивар и од околните населени места за замрзнати споредни и локални улици.
„Од Тетовскиот Регион пријави имаше од село Селце и од повеќе улици во градот Тетово. Во Тетово беше активиран Кризниот штаб и извршено е посолување на повеќе локални патишта“, велат од ЦУК.
Од секциите на „Македонија пат“ од Тетово, Попова Шапка и Гостивар информираа дека континуирано се на терен и вршат посолување на автопатите и регионалните патни правци под нивна надлежност.