Каракачанов: Не знам зошто бурно се реагира на објавените имиња од избирачкиот список на Бугарија
Бугарскиот вицепремиер вели дека имињата на Избирачкиот список во Бугарија може да ги провери секој на сајтот на бугарската Централна избирачка комисија.
Вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов вели дека е изненаден од бурните реакции во земјава откако денеска објави имиња од бугарските избирачки списоци кои, како што наведува, биле интересни.
-Јас никаде не сум кажал или напишал дека имињата што ги објавив се на македонски пратеници или функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Едноставно тие имиња мене ми зборуваат нешто. Не знам зошто се случуваат тие бурни реакции. Не сум рекол дека тие се пратеници, но од ДПМНЕ се препознаа – изјави за Трибуна мк. Каракачанов.
Тој вели дека имињата на Избирачкиот список во Бугарија може да ги провери секој на сајтот на бугарската Централна избирачка комисија. Тој додава дека не тврди дека објавените имиња се на членови и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
– Повторувам дека не тврдам дека тие имиња што ги објавив се пратеници или функционери на ВМРО-ДПМНЕ, но морам да кажам дека во избирачките списоци за претстојните избори во Бугарија има уште многу интересни имиња – вели бугарскиот вицепремиер.
Пред тоа тој објави имиња од Избирачкиот список на Бугарија, на што реагираа голем број политичари од земјава.