Сите сме во опасност од ковид-19, постарите генерации се поизложени, но може да почине и човек без хронично заболување. Ова е опасно заразување, да не се занесуваме, нагласи Жарко Караџовски, претседател на Комисијата за заразни болести во интервјуто на Канал 5 телевизија.
Тој потецираше дека да имаше толку хоспитализирани и починати колку што имаме периодов, ниту една држава нема да може да се справи со сместувачки капацитети за пациентите.
– Во контекст на намалување на заразата здравствените власти донесоа нови мерки чии резултати од почитувањето ќе се знаат за три до четири недели – рече претседателот на Комисијата.
Според Караџовски, само доследно почитување на мерките може да се очекува намалување на бројот за заразени.
– Кога во април и мај се намали бројката на заразени, а здравствените власти ги намалуваа мерките народот мислеше дека е готово, пандемијата заврши. Ние никогаш не сме рекле дека завршила пандемијата. Оттогаш наваму се менуваа работите и сега имаме страшни бројки – изјави Караџовски.
Тој уште еднаш посочи дека ако се внимава со кого се контактира и ако се носи маска и дистанца тогаш вирусот може да се избегне.
– Носете маски, почитувај мерки, внимавај со кого седнуваш на работа, со кого контактираш дома, ако сето ова принципиелно се почитува тогаш е полесно да му се спротивставиме на вирусот – апелираше Караџовски
Тој посочи дека веќе сме во период на слави кои ќе продолжат во следните три месеци.
– Но што се случува на тие домашни прослави? Понекогаш изгледаат како мали свадби, десетици гости во затворено, па уште и никој ако не носи маска, тогаш имаме потенцијално жариште. Затоа повторувам дека неодговорните и оние кои мислат дека вирусот не им е закана се највиновни за пренесувањето на заразата. Мислам дека поголем дел од луѓето почитуваат мерки, но токму заради оние кои не ги почитуваат стигнуваме до овие бројки – потенцираше Караџовски.
Тој потврди дека целата Комисија работи без паричен надоместок, а тој лично тоа го прави 26 години и затоа сите обиди за нивна дискредитација се неосновани.
– Јас не работам за пари, ниту за углед, туку работам професионално за да ги заштитам пациентите. Проблемот е во тоа што многумина им веруваат на нестручните лица и така придонесуваат во ширењето на вирусот – рече Караџовски.
Тој потенцираше дека нашите капацитети се ограничени и нашите епидемиолози и инфектолози се ограничени.
– Затоа да се чуваме секој поединечно, а со тоа и колективно. Ќе ги повикам сите граѓани- чувајте не нас за ние да ве чуваме вас. Само така е можно да се справиме со вирусот. Не слушајте секого, има лекари, има комисија, има мерки – истакна претседателот на Комисијата.
Тој уште еднаш повтори дека најважно е сега носењето маски, држењето дистанца, миењето раце и избегнувањето групи. Ако ова се почитува, како што рече, тогаш можеме да очекуваме намалување на бројките.