„Kaputt“ држава
Се претворивме во воајери на сопствената пропаст, во уплашени молчаливи набљудувачи на распадот што ни се случува пред очи и веќе граничи со егзибиционизам. Како да сме жртви на некаква паразитска инфекција викана „kaputt“ држава што го блокира рационалното размислување и поттикнува на апатија, тегобност, самоуништување.
Со сиот ризик уште утре да бидам прогласен за македонски националист од онаа дежурна „академска“ сурија, но и без оглед на сите навреди – „оправдани“ односно неоправдани – што низ годиниве беа изречени на сметка на Стојанче Ангелов, а наспроти онолкава мутава (квази)интелектуална македонска јавност, тој успеа со еден контра-цртеж да му ги објасни нештата на „големиот дипломат“ кој, покрај сѐ друго, си беше умислил дека е и – уметник. И му го нацрта вистинскиот цртеж, без оглед дали некој сака да го прифати како таков, или не.
Но затоа, онаа банда македонски политиканти, еднакво умислени „уметници“ како и „министерот“, цели две децении ни цртаат цртежи што никој жив во државава не ги прифаќа. Уште помалку ги – разбира. Дозволувам, можеби сме глупави, необразовани, неуки…, ама дека тие се нешто повеќе односно нешто над нас – никако. Тие само сакаат да ни продадат „нешто“ што во нормални држави не е на продажба, сакаат да си го одработат однапред платеното.
Па затоа, впрочем, сме на ова дереџе и не можеме да ги разбереме бидејќи нивните „цртежи“ се дилетантски, шарлатански, малоумни – да не речам потежок збор! – а сакаат да ни ја прикажат реалноста во некакви само ним препознатливи „боички“ и „шарки“. И според нив, ние сме осудени на молк, на безпоговорно прифаќање на идиотизмите на коекакви налудничави шалабајзери, односно на нивните лаги како онаа за т.н. Бугари во Уставот.
Што така „сликовито“ ни ја претстави уште еден голем цртач како и „министерот“, онаа наша несреќна кукла од Водно, која дури и се фали дека ние, всушност, сме им го спасувале образот на Бугарите со прифаќањето на условот за нивното вклучување во Уставот! Или, уште посликовито, тој вели: „… од маса нелогични, и во еден дел навредливи бугарски барања околу јазикот и идентитетот, останавме само на ова“ (Бугарите во Уставот, м.з), и продолжува – „Сѐ друго Европа им одби и вели – ставете го барем ова кога веќе имате таков профил на Устав“. И уште се перчи дека ние им го спасувавме образот на Бугарите и ветивме дека ќе ги ставиме во Уставот! Алелуја, „прогресивци“!!!
Се разбира, кога македонската глупост би застанувала само таму. Ама кога на тоа ќе ја додадете онаа „Цаци“ која – со сиот ум – ќе „објави“ дека масакрираните кај Вејце „Загинаа затоа што ДПМНЕ и тогаш, а и денес, посакува војна“ (sic!?), а нејзиниот партиски „лидер“ нема веднаш, по кратка постапка, да ја отстрани од функцијата и партијата, или кога токму тој ве „просветлува“ дека во страотно криминалното функционирање на неговата Влада не се работи за надмоќ на една партија над друга „туку се работи за, би рекол, несоодветно однесување на дел од функционерите на ДУИ“ (на што тој како премиер никако не реагирал!), стануваат ли цртежите малку појасни?
Или, можеби, неколкумина лековерни веројатно ќе се „закачат“ за „добронамерната“ јадица на муртинскион пазарџија за „демократска“ демисија на актуелниот „капо“ на сдсм (малите букви… знаете веќе што), каква што, демек тој направил, иако јавноста одамна знае дека кај нас – особено во таа „партија“ – такво нешто никогаш не се случува без соодветен „пријателски совет“ од некој од стратешките партнери. Но, едновремено, многумина – меѓу нив и јас – сигурно ќе посакаат некој јавно да го праша: а зошто воопшто ни инсталираше таков (најблаго речено) туткун на чело на Владата, па и на „партијата“? Па и онаков на чело на „државата“? Па и онакви „министри“ и „директори“ во извршната власт, ама и потпретседатели во „партијата“? Поточно: само Ковачевски ли е одговорен за поразот, но не и онаа булумента „прогресивни“ слепци кои глумеа вицепремиери, министри, директори, пратеници…? Или оној сурогат-претседател од Водно?
Кој ли на кого овде дава ум?!
Сето тоа, сосе цртежот на г-динот Ангелов, за жал, упатува на помислата дека ние дефинитивно сме обликувани како „kaputt“ држава, во којашто неспособноста е име а неукоста – презиме! Затоа, впрочем, и оние „теории“ на двоецот Ахмети-Османи за тоа како треба да функционира оваа „држава“, кои се они а кои сме ние, што тие можат а ние не можеме, кој одлучува за тоа каква влада ќе има и дали воопшто ќе ја има…, се – точни?!
И сето тоа, онака од зад аголот, го гледаат „мама“ ЕУ и „тато“ НАТО, рака под рака со оној Гир кој четири години глуми амбасадор на ЕУ во земјава, а сите заедно молчат и прават променади врз нашата глупост?
Се разбира, идејата на овие зборови не е да сејат песимизам и црнила, иако тие не ни се далеку на хоризонтот. Но, ако погледнеме повнимателно, ние не само што не сме – и не можеме да бидеме – дел од цивилизирана Европа, ние не сме дел ни од современиот Балкан, или она што тој би требало да биде. А бевме. Не само дел туку – важен дел. Денес сме призраци од минатото – она црно, тегобно, дури ужасно.
Зашто сето ова што ни се „готви“ во македонскиот лонец не мириса убаво. И има горчлив вкус. Дури и наспроти ароматичните мирудии на „мама“ ЕУ и „тато“ НАТО. Дури и Харари – можеби најголемиот жив ум на денешницата – се срами од својата земја Израел заради злосторствата врз невиното население на Газа, но кај нас преку злосторства над невино население се тера политичка пропаганда, со скандираат црни акроними, се заплашува со некакви „договори“ за некоалицирање, со етнички притисоци и вокабулар од 2001 година, со навреди и закани…
И никој не се срами! И никој не реагира! Можеби дури со задоволство ја гледаа онаа виртуелна импровизирана седница на дуи?
А ја гледавме и ние. Да, некои се смееа. Така се потсмеваа и во 2001 година. Па и во 1989. Други се „импресионирани“ не од таа реалност туку од лижавчето дека ќе станеле „акционери“ во државните енергетски компании. Демек, тоа ќе било компензација за оние некогашни ваучери. Трети шалабајзери се кодошат меѓу себе…
Се претворивме во воајери на сопствената пропаст, во уплашени молчаливи набљудувачи на распадот што ни се случува пред очи и веќе граничи со егзибиционизам. Како да сме жртви на некаква паразитска инфекција викана „kaputt“ држава што го блокира рационалното размислување и поттикнува на апатија, тегобност, самоуништување. Зашто нема друга „дијагноза“ за ова што ни се случува, за оваа македонска пандемија на себеуништувачкиот синдром, инјектиран од познати лиферанти на злото.
Затоа и оној од теретаната пак се провикнува дека „влада се формира со минимум 61 пратеник“. Сака нешто меѓу редови да ни каже? Има „прогресивен“ план и за тоа, како и пазарџијана во 2017 година?
И немам јас дилеми дека и таква реприза повторно мазно би поминала кај „стратешките партнери“, дури би била поздравена со акламација. И немам дилеми дека и локалнава клиентелистичка банда пак би ги активирала вувузелите и би прогласувала победа. Таквите „победи“, како впрочем и онакви „министерски“ шарлатански цртежи, поминуваат само во „kaputt“ држави.
Извор: Теодосиевски уметност