КАНЦЕЛАРОТ МЕРЦ ВО „ДЛАБОК ШОК“ ОД ИЗБОРНИОТ ПОРАЗ НА ЦДУ „Неопходни се промени, вака повеќе не може!“

Ова е најтешкиот изборен пораз што ЦДУ го доживеала во последните години, дури и децении. Јасно е дека ЦДУ не може едноставно да продолжи по старо - рече Мерц.

0

Лидерот на ЦДУ и канцелар Фридрих Мерц денеска во Берлин изјави дека и тој и ЦДУ се „длабоко шокирани“ од убедливата изборна победа на АфД на изборите во покраината Саксонија-Анхалт.

– Ова е најтешкиот изборен пораз што ЦДУ го доживеала во последните години, дури и децении – рече Мерц. Според него, јасно е дека ЦДУ „не може едноставно да продолжи по старо“.






Мерц ја нагласи неопходноста од темелни реформи во Германија.

– Станува збор за иднината на нашата земја и шансите на нашите деца и внуци. Тоа не смееме да го прокоцкаме. Затоа мојата решеност да продолжам со реформскиот курс останува непоколеблива – порача шефот на ЦДУ. Според него, реформите мора подобро да им се објаснат на граѓаните.

Осврнувајќи се на можноста за влада предводена од АфД во Магдебург, Мерц изјави дека сака да ги увери сите дека институциите во земјата се отпорни и стабилни. Тој истакна дека Уставот го штити и гарантира овој поредок.

– Сојузната влада што јас ја предводам ќе обезбеди почитување на Уставот. Оваа порака е упатена и до нашите пријатели во Европа и низ целиот свет. Знаеме дека Германија носи посебна одговорност поради својата историја – рече канцеларот Мерц.

АфД на покраинските избори во Саксонија-Анхалт вчера убедливо ја победи владејачката ЦДУ, но не успеа да освои апсолутно мнозинство. Партијата, класифицирана како десн-екстремна, го зголеми својот резултат на 43,8 проценти од гласовите, што е повеќе од двојно подобрување во однос на претходните избори. Демохристијаните на покраинскиот премиер Свен Шулце освоија само 17,2 проценти од гласовите, односно нивниот резултат беше преполовен во споредба со претходните избори.

Шулце денеска најави дека ќе понесе одговорност за поразот.

– Настапив како носител на листата и секако ќе извлечам соодветни последици од тоа. Како ЦДУ повеќе немаме мандат за формирање влада, ние сме опозиција. Владиниот мандат сега е во рацете на АфД – изјави Шулце по состаноците на највисоките партиски тела во Берлин. Тој рече дека вечерва ќе му предложи на покраинскиот одбор на ЦДУ план за понатамошната постапка.

Поврзани содржини