Канал 5: Уредникот Михајлоски ги посетил родителите во Прилеп, првиот тест му бил негативен

951

Свесни сме за тежината на актуелната ситуација, поврзана со светската пандемија на корона вирусот, која зема замав и за жал, исклучок не беше и еден наш колега, главниот и одговорен уредник Гоце Михајлоски, соопшти Канал 5 телевизија, каде што работи новинарот Михајловски, кој е тестиран позитивен на ковид-19.

„Како професионална и одговорна компанија, која сигурно ќе го надмине и овој сериозен предизвик, потенцираме дека и ние самите сме изненадени од ваквиот развој на настаните, поради фактот што првиот тест кој го изврши колегата Михајлоски беше негативен.






Сакаме да ја информираме јавноста за следново:

Викендот на 28 и 29 март оваа година, колегата Михајлоски бил во посета на свиоте родители во Прилеп, од каде во понеделникот, на 30 март, продолжува со работа во дневно-информативната редакција, без никакви елементарни сомнежи ниту симптоми.

Потенцираме дека подолг период веќе имаме воспоставено високи стандарди на заштита и контрола на нашите вработени, во смисла на задолжително мерење на телесна температура при влез во  компанијата, обезбедивме дезинфекциски пунктови на 5 локации, на секој кат, дополнително и во информативната редакција, задолжително работниот процес се извршува со помош на заштитни маски, а за делот на техниката и новинарите се обезбедени и пластични визири за дополнитена заштита.

Во четвртокот и во петокот, во емисијата ‘Само интервју’, гости му беа Зоран Заев и Христијан Мицкоски, последователно, при што беа запазени сите протоколи.

Првите симптоми кај колегата Михајлоски се појавиле во неделата на 5 април, кои биле во форма на малаксаност, замор и главоболка, по што веднаш околу 17 часот го напуштил работното место.

Од понеделник, 6 април, на барање на компанијата, колегата е во самоизолација а во меѓувреме тој забележал температура повисока од 38 степени, и барал од својот матичен лекар да добие упат за тестирање, но поради електронската анкета, немал доволни симптоми за да биде упатен на тестирање.

На 7 април, во утринските часови, поради зголемена температура направил тест преку крв во една приватна болница, кој покажал дека е негативен на корона вирусот.

Во четврток, 09.04.2020 колегата Михајловски заминал во Воена болница, каде е примен, а утринава нѐ информираше дека сепак е позитивен на ковид-19.

Во насока на следење на препораките за заштита при работа од корона вирусот, последниве неколку недели Канал 5 донесе одлука сите вработени кои можат да го изведуваат работниот процес од дома, тоа и да го прават.

Нашата компанија во соработка со Министерството за здравство ќе ги преземе сите чекори за брзо надминување на оваа несреќна здравствена состојба и благовремено ќе ја известува јавноста за сите новонастани моменти.

На нашиот колега Гоце Михајлоски му посакуваме да се опорави што е можно побрзо. Ниту тој сакал да биде заразен со ковид-19, а уште помалку тој да биде трансмитерот и евентуално да зарази трети лица“, се наведува во соопштението од Канал 5 телевизија.

Поврзани содржини