Камперите се откажаа од езеро Треска, дали тоа ќе го стори и државата?
Моментално освен одлука за прогласување слободна туристичка развојна зона, ништо не е направено на подрачјето на езеро Треска.
Освен градежен шут од растурени објекти и неколку приколки крај езерото Треска веќе нема ништо. Владата донесе одлука за прогласување слободна туристичка развојна зона, но никој не кажува до каде е постапката и што фактички ќе се гради на земјиштето околу езерото и дали има заинтересирани инвеститори.
Камперите веќе се откажаа од езерото и сега бараат владата да одреди место каде што ќе можат да ги постават камп-приколките кои мораа да ги тргнат од просторот езеро Треска.
– Добивме повратна информација дека државниот правобранител отворил предмет за случувањата во рекреативниот центар. Иако не веруваме дека ќе стори нешто во врска со нашето иселување од езерото, очекуваме да го заштити државниот имот – вели Петре Неделковски од здружението на кампери на езеро Треска.
Камперите очекуваат одговор од Владата и од другите институции да одобрат нова локација за камп приколките.
– Се обративме до повеќе институции и до владата. Никој не ни одговори, па сега повторно ќе испратиме писмо до владата да ни определи локација на која ќе може да ги поставиме приколките, оние кои немаме каде да ги поставиме и ги чуваме на улица пред зградите во Скопје. Еве јас со мојата приколка им пречам на соседите. Засега не реагираат, ама не значи дека не им пречи – вели Неделковски.
И додека камперите се борат да обезбедат место за своите кампови, институциите ја почнаа постапката за прогласување слободна туристичка зона на просторот околу езерото. Владата донесе одлука за тоа на предлог на агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Но што се случува по оваа одлука е нејасно.
Во меѓувреме дел од земјиштето околу езерото од земјоделско е пренаменето во градежно а Општина Сарај донесе Детален урбанистички план во кој се предвидува да се гради викенд населба, хотелски комплекс и спортско-рекреативен центар за развој на еко туризам.
Според одлуката на Владата за формирање на ваква зона ќе се користат 79 хектари околу езерото Треска кое е во државна сопственост, што е основен услов за формирање ваква зона според Законот за туристички развојни зони. Формирањето, развојот и следењето на зоната ќе ги врши Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Законски, со земјиштето управува Агенцијата и таа може да го оттуѓува на инвеститорите.
Во проектот покрај општина Сарај која може да бара инвеститори се вкучени уште и Агенцијата за катастар, Агенцијата за планирање на простор, Министерството за економија, ЗЕЛС и Владата која одлучува кој инвеститор ќе ја гради зоната или ќе откупува делови од земјиштето.
Според предвиденото при изградбата на објектите, средината треба да биде еколошки настроена, односно да се овозможат услови за риболов и за велосипедизам, гастрономија, обновливи извори на енергија, независно од тоа што треба да се изгради пат, да се донесе вода и ред други инфраструктурни поврзувања.
Моментално, никој не кажува какви содржини ќе има во оваа зона бидејќи просторниот план допрва треба да се изработи.
Плусинфо ја праша Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот но не доби одговори, а градоначалникот на општина Сарај беше зафатен со состаноци.
Досега во земјава имало девет обиди, но не се реализирала ниту една туристичко-развојна зона, од кои најпозната беше онаа во Љубаништа каде што требаше да инвестира индискиот милијардер Субрата Рој. Прашање е дали и оваа слободна туристичка зона ќе заврши како и претходните и наместо да има место за рекреација на граѓаните и туристите ќе никнат облакодери.
Во 1978 година со самопридонес од жителите на Скопје изградено е езерото Треска на површина од 136.000 метри квадратни и капацитет за 10.000 капачи. Езерото живееше 20 години. Во 1998 година поради загаденост на водата затворено е за капење и оттогаш почна неговото пропаѓање.