Камо филмови за нашите лидери? „Зајко го менува името“ или „Гру го гипсира Скопје“?
Нови тажни времиња другари, без идоли, без гордост и без силно чувство на припадност. А можеше да биде и поинаку, ама не бидна.
Мала компарација на времињата некогаш и сега…
Во минатото се учеа песни за Тито и се пееја во училиштата, на државните празнувања и на прославите, а сега за Гру и Зајко никој ниту пишува песни, ниту ги пее. И тие две-три песни што се напишаа, никој не ги пее.
Исто така, се снимаа и филмови за Тито и за неговите партизани, кои сите заедно во семејна атмосфера ги гледавме, горди што сме потомци на храбри предци. Филмови како „Валтер го брани Сараево“, „Битката на Неретва“, „Сутјеска“, „Игмански марш“, „Партизанска ескадрила“…
Денес никому не му текнува да сними филм за подвизите на актуелните лидери. На пример, „Зајко го менува името“ или „Гру го гипсира Скопје“.
Нови тажни времиња другари, без идоли, без гордост и без силно чувство на припадност. А можеше да биде и поинаку, ама не бидна.
Инаку, Тито никогаш не одел на средби со политичари со понизок ранг од неговиот. Се среќавал исклучиво со претседатели, премиери и кралеви на држави. Не ни помислувал да оди на средби со странски амбасадори во Југославија, уште помалку на „пеење“ по амбасади.
За разлика од него, нашите Гру и Зајко се среќаваа(т) со третоешалонци, заменик помошници на државни секретари, редовно одат на „пеење“ кај амбасадорите и виткаат кичма секогаш кога некој третоешалонец од Брисел ќе покаже со прст кон нив.
Зошто е тоа така не знам, ама знам дека веќе никој не се гордее ниту со државата, ниту со лидерите, ниту со успесите, ниту чувствува самопочит кога се интонира химната.
Јас, на пример, имам измешани чувства, во химната се пее за Македонија, а Нашата земја се вика Северна Македонија. Текстот на химната не одговара на името на државата и веднаш се создава конфузија и збунетост, наместо гордост.
И така. Сè на сė, неубави работи.
(ФБ статус на авторот, насловот е редакциски)